Кристијано Роналдо наводно започнал преговори за преселба во ПСЖ.

Според угледниот шпански весник АС, управата на ПСЖ контактирала со менаџерот на Роналдо, Хорхе Мендеш и ќе се обиде да го ангажира Португалецот во летниот преоден рок.

Роналдо е обврзан со договор со Јувентус до летото следната година. Италијанските медиуми наведуваат дека новиот тренер на Старата дама Масимилијано Алегри не смета на неговите услуги и даде „зелено светло“ за неговата продажба.

Во своето денешно издание, АС ги потврдува пишувањата на италијанските медиуми. Тие наведуваат дека Роналдо е на излезната врата од Јувентус и дека преговорите со Хорхе Мендеш веќе започнале.

Секако треба да се напомене дека вицешампионот на Франција сеуште не контактирал со Јуве за Роналдо, а „бјанконерите“ се подготвени да ја продадат првата sвезда на тимот за 30 милиони евра.

ПСЖ исто така е подготвен да преговара за можни замени и се наведува дека се подготвени да го понудат Мауро Икарди во замена за Кристијано.

Роналдо освен со ПСЖ е поврзан и со Манчестер јунајтед, а Тутоспорт наведува дека Јувентус е заинтересиран за размена со „црвените ѓаволи“.

Италијанскиот великан би сакал да го види Пол Погба во неговите редови, но и холандскиот играч за врска Дони ван де Бик, кој не играше на „Олд Трафорд“.

Ќе биде интересно ова лето кога е во прашање кариерата на Кристијано Роналдо и според сите проценки, тој би можел да го напушти Торино по три години.

Легендарниот Португалец беше најдобар стрелец во Серија А минатата сезона, но имаше многу игри во кои тој не блескаше на теренот.

Роналдо стана член на Јувентус во 2018 година, а во претходните три сезони одигра 133 натпревари за „бјанконерите“ и постигна 101 гол.