Се најавува скоро решение за проблемот со јавниот превоз во Скопје. По осум месеци хаос во јавниот превоз кога граѓаните со часови чекаа автобуси, од Град Скопје за Алсат велат дека проблемот ќе се реши наскоро и дека процедурите се при крај.

“На последниот повик приватните превозници ги доставиле сите потребни документи. Во моментот во тек се уште неколку процедури во ЈСП и верувам дека наскоро се ќе биде завршено. Очекуваме следната недела со приватните превозници да се потпише договорот и тие да почнат со работа“, вели градоначалничката Данела Арсовска.

Прашана дали ќе им се исплати долгот на 27 приватни превозници, Арсовска рече дека не е информирана за ова затоа што со тоа се занимава Јавното сообраќајно претпријатие.

Алсат побара став и од приватните превозници, но тие се недостапни за медиумите да кажат кога ќе почнат со работа. Минатата година, кога Градот Скопје ја прекина соработката со нив, а градоначалничката, Данела Арсовска не ги примаше на разговор, приватните превозници беа постојано достапни и активни во медиумите, а во последниве недели се речиси целосно недостапни, па дури и ги исклучуваат телефоните.

Пред околу осум месеци, во октомври минатата година, приватните превозници престанаа да возат по улиците на главниот град, поради долг од околу 2 милиони евра. Градоначалничката, Данела Арсовска, не признаваше дека им должи на превозниците, ниту пак прифаќаше средби со нив.

Поради ова, превозниците штрајкуваа и излегоа на улици со над 100 автобуси. По игнорантскиот однос на градоначалничката на Скопје, тие побараа помош и средба кај премиерот, но и тоа не се случи. Во меѓувреме, градот отвори два повици за замена на сегашните приватни превозници со други, но тие пропаднаа, а по смената на членовите на управните тела на превозниците беше објавен и трет повик, но поради некомплетност на документте и тој пропадна.

Пред повеќе од еден месец беше отворен четвртиот повик, на кој превозниците ги доставиле сите потребни докумнети и според Арсовска наскоро тие ќе почнат со работа.