Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, денеска во Музејот на македонската борба учествуваше на настан за промоцијата на„Пријателски места за аутизам“, во организација на Македонското научно здружение за аутизам.

– Градот Скопје континуирано работи и поддржува значајни проекти за подобрување на квалитетот на животот на лицата со аутистичен спектар и нивните семејства.  Подржуваме проекти за Развој на вештини за подготовка децата со аутизам за училиште, за спроведување на сензорна терапија и третман на деца со аутизам од социјално ранливи групи, за ран третман како значаен фактор за подобра инклузија на деца со попреченост, како и за Центар за рана интервенција. Проектите се  значајни и вклучуваат примена на научни методи првенствено за едукација и развој, како и третман на деца со аутизам од социјално ранливи групи. На децата им се овозможуваат индивидуално дизајнирана најсовремена терапија за сензорна интеграција со вклучен логопедски и дефектолошки третман, што има за цел подобрување на квалитетот на живот на овие дечиња – нагласи Арсовска во своето обраќање.

Концептот „Пријателски места за аутизам“ е создаден за да одговори на потребите на лицата од спектарот на аутизам. Тој е од областа на социјалната инклузија, има за цел да обезбеди поголема пристапност за лицата и децата со аутизам во општеството.

На промоцијата на „Пријателски места за аутизам“, покрај членовите на Македонското научно здружение за аутизам, присуствуваа и директори и членови на стручните тимови при основните училишта, родители на деца со аутизам и установи кои се пријателски места за лица со аутизам, како и организации од културата, социјалната заштита и здравствената заштита.