Пишува: Зоран БОЈАРОВСКИ

Дури и многу благо е да се нарече скандалозно поклонението на лидерот на Левица Димитар Апасиев и неговите партиски следбеници на гробот на албанскиот диктатор Енвер Хоџа, и тоа внимавајте – на денот кога починал, на 11 април. Постапка со сериозна предумисла со која Апасиев го испочествува диктаторот кој е на листата на најзлосторничките комунистички лидери како што се Сталин, Чаушеску, Ким ил Сунг, Пол Пот… кои историјата единствено ќе ги запамети по „полињата на смртта“ во нивните земји низ кои ги расфрлаа коските на нивните сограѓани.

Што сака да ни порача Апасиев со оваа постапка во 21 век, кога целиот демократски свет јасно ја препозна и им ја определи улогата на диктаторите од нашата поблиска историја?

Како еден одговор на оца прашање е констацијата на „Цивил Медиа“ во нивниот текст со наслов „Со славењето на Енвер Хоџа, Левица покажува дека сака да ја стави земајва во „бункер“, наместо да напредува кон ЕУ“, кој потенцира дека „Левица и нивниот лидер Димитар Апасиев со посетата на гробот на албанскиот диктатор Енвер Хоџа ги откриваат своите идеали и иднината во која сакаат да ја носат земјата. Со нивното славење и величање на диктатори како Хоџа, кој забранувал религии, патување во странство и буквално ја држеше целата Албанија во заложништво цели 40 години, јасно ставаат на знаење како сакаат да владеат“.

Оттука, се поентира во овој текст, се поочигледно е зошто Левица се противи на придржувањето на Северна Македонија во НАТО сојузот и во Европската Унија, заедници каде што се вреднуваат демократските вредности и слободата на индивидуата.

Левица во нивниот пост во кој се поклонуваат на гробот на Хоџа пишуваат дека тој ја возобновил Албанија, но го изоставуваат фактот дека во 1985 година, кога почина, Албанија беше третата најсиромашна држава во Европа со БДП по глава на жител од само 15 долари месечно.

Колективизацијата на имотите доведе до глад на населението по селата, помогнато со целосната изолација од остатокот од светот, поради што земјоделците користеле алати и технологија од дваесетите години од дваесеттиот век.

Наместо модернизација на државата, борба со недостатокот на живеалишта, храна и изградба на патишта, Хоџа во Албанија воведе програма за „бункеризација“ и на територијата на државата изгради повеќе од 750 илјади бункери.

За време на владеењето на Енверн Хоџа чести биле и политички мотивираните ликвидирања на неистомисленици во Албанија, каде што според проценките од 25 до 100 илјади неистомисленици на Хоџа биле убиени, затворени или испратени во работнички кампови.

Албанија на Енвер Хоџа беше целосно заробена и изолирана држава, слично како што е денес Северна Кореа, со речиси непостоечка соработка со останатите држави и без почитување на правата на граѓаните.

Диктаторите на едно место: Мао Цетунг, Никита Хрушчов, Булгањин, Микојан, Суслов, Ким Ил Сунг, Вилијам Широки (лидерот на КП на Чехословачка, како единствен кој не е класифициран како диктатор) и Енвер Хоџа

Сосема е јасно дека Апасиев и Левица го глорифицираат Хоџа, прикажувајќи го како позитивно неговото 41 годишно владеење со Албанија (1944-1985).

Според контраспинот на Вистиномер, за серозни истражувачи, она што го наведува Левица како „беспоштедна борба против локалните велепоседници, клерот и племенските старешини“ е период од 1946 до 1955 кога непријателите на Хоџа и на албанските комунисти биле стрелани, прогонети, интернирани и тоа во вонсудски постапки, при што им бил земан имотот, вклучувајќи го и оној на кралското семејство на Ахмед Зогу, кој владееше со Албанија до 1939 година. А како сериозен поклоник на Сталин кој за Хоџа бил единствен лик што исправно го спроведувал марксизмот и ленинизмот, Хоџа од почетокот, но речиси сè до крајот на владеењето, преку Сигуримиалбанската тајна полиција, ги спроведува крвавите методи на Сталин што ги реализирал преку чуварите на револуцијата во НКВД (претходникот на КГБ), која е и извршител на милионските погубувања измачувања и прогонувања во тогашен СССР.

За сите овие ѕверства на Сигурими под водство на Хоџа, од кои страдал во еден период секој трет Албанец (значи можеби и над милион Албанци), пишува „Вистиномер“, исто така постојат сериозни истражувања и филмови. А едно од поновите е книгата „Енвер Хоџа“ на Бленди Февзиу, познат албански новинар  и истражувач, од која е направен и документарец.

Ете на таков лик, делегација на Левица предводена од Димитар Апасиев му одаде почит. А, бидејќи во причините наведува дека станува збор за „симбол на албанската борба против фашизмот“ (Хоџа), тогаш од истите причини, делегација на Левица предводена од Апасиев може да се очекува слободно да оди и на поклонение во Кремљ, на поранешните гробишта на великаните на СССР, каде меѓу другите  е погребан и „великанот“ Јосиф Висарионович Џугашвили Сталин. Зашто, нели и тој во периодот од 1941-45, како лидер на КПСС и врховен командант на Црвената Армија ги порази војските на Адолф Хитлер. До душа, со мало колебање од година и половина претходно, поради Пактот попознат како  Рибентроп – Молотов.

Неколку заклучоци можат да се изведат од „чествувањето“ на Апасиев и на Левица на злосторникот Хоџа. Навистина е иронично, како што укажува „Цивил Медиа“, како Левица се обидува да зборува за соработка помеѓу балканските народи, во иста реченица со славењето на Хоџа, кој беше и остана запомнет по изолацијата и градењето бункери, наместо фокусирање на проблемите на државата.

Кога Апасиев и Левица величаат еден тоталитарички лидер каков што бил и остана Енвер Хоџа и неговиот систем, оваа партија всушност се дамаскира дека тие ја гледаат Северна Македонија во ЕУ, бидејќи за нив слободата, демократијата и соработката не се на врвот на листата на приоритети, а тоа се вредностите на Европа.

Наместо тоа Левица посакува нашата земја да стане изолирана и заробена, со цел да ги остварат своите сонови за целосна контрола на општеството. Инспирација за тоа гледаат во Енвер Хоџа и слични нему диктатори.

И уште една важна поента: Едноставно е неверојатно дека во Левица нема луѓе што не знаат кој е Енвер Хоџа и каква катастрофална постапка направи нивниот лидер Апасиев. Ама, целата таа постапка многу јасно отсликува што е Апасиев за оваа партија и што е тој за нивното членство. Тоа што ги поврзува е молкот за постапките на нивниот лидер.

Превземено од Рацин.мк