Документите на сите кандидати на Академијата за судии и обвинители од нејзиното основање до сега ќе бидат цел на истрагата на Антикорупциска комисија. Се истражува кој судија и обвинител стигнал до функција „делач на правда“ со прекршување на законот – предвреме полагање правосуден испит, пишува Радио Слободна Европа.

Антикорупциската комисија ќе спроведе еден вид на ветинг, односно проверка, и тоа со продолжување на истрагата за тоа кои судии и јавни обвинители станале делачи на правда со прекршување на законот односно со предвреме полагање на правосуден испит. Претседателката на ДКСК Билјана Ивановска истрагата ќе таргетира проверка на сите кандидати кои биле во Академијата за јавни обвинители и судии од нејзиното формирање до денеска, со цел да утврдат дали некои од нив предвреме полагале правосуден испит или не. До тоа дојде затоа што Антикорупциската комисија не може да ги добие сите потребни информации од Министерството за правда.

Во истрагата на Антикорупциска ќе биде и чешлање на сите универзитети – односно колку универзитети како Штуловиот Универзитет во Тетово издале уверенија со кои поинаку го толкуваат фактот – дипломиран правник со што овозможиле некој предвреме да полага правосуден испит. За таа цел ќе биде ангажиран просветниот инспекторат кој ќе прави проверка и на сите други правни факултети во земјава за период од 2008 до 2012 година, период за кој е веќе направена проверка за Штуловиот универзитет.

„Сега ова е прашањето – ако некој завршил во 2019 а конкурирал во 2014, зошто диплома не приложил, очигледно не добил диплома, ама тоа се наши претпоставки, затоа си бараме точно убаво да видиме од сите аспекти, за да ја расчистиме појавата, затоа што ние си патиме од појави“, вели Ивановска.

До ова дојде откако ДКСК откри дека синот на собранискиот спикер Талат Џафери, Барлет кој е дел од Академијата за обвинители и судии предвреме положил правосуден испит. По тоа открија дека 449 студенти од Штуловиот универзитет добиле уверение за дипломирани правници без да ги завршат во целост правите студии.