Антикорупциската комисија утврди дека вицепремиерот Артан Груби неколку пати ги користел службените канцеларии на министерството за партиски состаноци. Неодамна, според Антикорупциска, Ахмети во кабинетот на Груби ја пречекал грчката амбасадорка Софија Филипиду.

Ивановска додаде дека ваквото однесување претставува кршење на одредбите од Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од Владата. Во оваа насока, Антикорупциска ќе испрати писмо до вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска, да преземе мерки.
Груби, пак, иронично рече дека според него е нормално Али Ахмети како пратеник на парламентарното мнозинство да одржува средби во министерството што тој го води.

„Господинот Ахмети е пратеник во Собранието на Северна Македонија и јас сум во контакт со него секој ден, имаме средби секој ден, така што и дел од парламентарното мнозинство, владината коалиција одржаа состаноци, имаа средби овде со премиерот, и во владината зграда, и со други членови на политички партии, исто така пратеници. Така што не гледам никаква одговорност, но ако е толку проблем ќе видиме да не се повтори“, рече Груби.

АЛСАТ неколку пати известуваше за злоупотреба на државните ресурси од страна на вицепремиерот Артан Груби за партиски цели. Просториите на ова министерство според јавноста служат како партиски огранок на ДУИ во Скопје. Профилот на „Фејсбук“ на првиот човек на ДУИ, Али Ахмети е исполнет со фотографии од средбите во оваа канцеларија, меѓу кои и со различни претставници на меѓународни организации и амбасадори.