Килијан Мбапе веќе од јануари може да преговара со друг клуб, а следното лето речиси сигурно ќе биде претставен како засилување на Реал Мадрид.

Самиот фудбалер призна дека тоа е неговата цел наредниот период, а поранешниот француски репрезентативец Николас Анелка не верува во информациите дека Мбапе преговара за нов договор со ПСЖ.

– Кога има уште неколку месеци од договорот, зошто би преговарал за нов? Утре може да добие понуда од многу клубови и нема потреба од компликации, вели Анелка.

Поранешниот напаѓач смета дека целата ситуација само го истакнува погрешниот пристап на ПСЖ.

– Кога имаш ваков феномен во тимот, договорот се продолжува најмалку две години пред да истече. Тоа е голема грешка на ПСЖ. Во случај фудбалерот да не сака продолжување, тогаш уште тогаш требаше да биде продаден. Ако не можеш да го убедиш најдобриот фудбалер во првенството да остане, тогаш мора да го продадеш навреме, за да не се најдеш во ситуација во каква што се најде ПСЖ,  рекол Анелка.