Македонија е во прогласена енергетска кризна состојба која трае до 30 април 2023 година, на сила е и Уредбата за критериуми за прогласување на енергетската кризна состојба, во која има сценарија по кои може да се постапува, а се однесуваат на редукција на потрошувачката на електрична енергија. Сценаријата се предвидени со цел избегнување на целосен колапс на енергетскиот систем во Република Северна Македонија, вели во интервју за „Локално“ советникот за енергетика во Владата, Виктор Андонов.

Тој потенцира дека тоа се сценарија, доколку се случат некои непосакувани хаварии на критичната енергетска инфраструктура, или пак имаме забрана за увоз на енергија од некоја од соседните држави.

-Се додека трае војната во Украина, сите треба да бидеме особено внимателни да бидеме спремни на сите сценарија, дури и на тие што се најмалку посакувани, истакнува тој.

Во однос на поскапувањето на струјата од 1.јануари, Андонов е дециден дека без разлика дали станува збор за криза или не, Македонија мора да ги менува навиките и мора рационално да се однесува кон енергијата.

-Тоа што за нас сега е чудно, дека Владата повикува на штедење, во Европа и развиените земји во Светот одамна е нормално. Потребно е да се зголемат инвестициите во енергетска ефикасност, и во рамките на Владата се разговара за можни дополнителни мерки за граѓаните, во делот на субвенциите за инсталирање на енергетски ефикасни уреди, ефикасно менаџирање на енергијата и други, посочува Советникот на Владата.

За користењето на „валканите извори на енергија“ и забавувањето на зелената транзиција, Андонов изјави дека дите земји во Европа на „кратко“ посегнаа по валканите извори со цел успешно справување со кризата, меѓутоа ги забрзаа плановите за енергетската транзиција.

– Европската комисија ги зголеми амбициите и си ги зголеми таргетите за процентот на обновливи извори во 2030 година. Истото очекувам да го следиме и ние, да продолжиме да се справуваме со енергетската криза со сите расположиви капацитети, меѓутоа да не ги заборавиме инвестициите и развојните проекти кои на среден и долг рок ќе ни ја обезбедат енергетската сигурност, вели во интервјуто Андонов.

Енергетската криза го окупира секојдневието на граѓаните, а цената на струјата и гасот доведе до затворање на многу бизниси. Владата со сет мерки се обиде да помогне во изминативе месеци, но што може да очекуваме во 2023 година? Ќе има ли подобрување на сегашните состојби претстојнава година?

-Случувањата во енергетскиот сектор во текот на изминатата година се дел од секојдневието на граѓаните, пред се како резултат на енергетската криза предизвикана од големиот пораст на цените на електричната енергија и природниот гас на европските берзи. Сведоци сме во минатото, дека граѓаните најмногу ја следеле берзата на нафтените деривати, имајќи во предвид дека на две недели Регулаторната комисија за енергетика ја утврдуваше максималната цена на горивата, додека сега мој впечаток е дека најголемиот дел од граѓаните дневно ги следат движењата на цените на берзите со електрична енергија, природен гас и нафтените деривати. Ако ги погледнеме податоците од Централниот регистар, ќе констатираме дека бројот на затворени и ново отворени фирми во изминатите неколку години е приближно ист, без разлика дали имало или немало криза. Не можеме со сигурност да кажеме дека се затвориле многу бизниси поради високите цени, можеме да се согласиме дека бизнисите се соочија со големи потешкотии и предизвици како да опстанат, пред се поради енормното зголемување на цените на енергенсите.

Владата од самиот почеток на кризата креираше мерки со цел да го заштити граѓаните од ценовни шокови, овде пред се мислам на цената на електричната и топлинската енергија. Владата преку исплата на финансиски средства кон ЕСМ ја одржува цената на стабилно ниво. Поминаа шест месеци од воведувањето на блок тарифите и согласно податоците кои беа објавени од Регулаторната комисија за енергетика, направена е заштеда од околу 16% во потрошувачката на електрична енергија во делот на домаќинствата, и оваа заштеда е пред се поради воведувањето на блок тарифите.

Во делот на малите потрошувачи, мора да напоменеме дека и тие беа заштитени со цената на електричната енергија, ако се земат во предвид цените на берзите на електрична енергија, кои во текот на август и септември годинава се движеа и над 500 евра за мегаватчас, со предвидувања за над 1000 евра за мегаватчас. Сега некој ќе каже ама во октомври цената беше под 200 евра за мегават час, и тоа е точно меѓутоа тоа е цена на берзата HUPX во Унгарија, за да се пренесе енергијата во Северна Македонија и маржите на снабдувачите, значително се разликува од таа на берзите. Дополнително, ова намалување траеше околу еден месец, и веднаш потоа цените се вратија на околу 400 евра за мегават час. Додека, цената која малите потрошувачи кај нас ја добиваат е фиксна и предвилива за период од 6 месеци.

За жал, Северна Македонија е увозно зависна од енергија, ги увезуваме сите количини на природен гас и нафтени деривати, а во последните дваесетина година и сериозни количини на електрична енергија, ова значи дека очекувањата во 2023 година, пред се ќе зависат од војната во Украина и политичките случувања во Европа и Светот предизвикани од војната.

Во текот на декември 2022 година, Европската Комисија донесе одлука за динамичко ограничување на цената на природниот гас на 180 евра за мегават час, во зависност од месечните предвидувања на ТТФ берзата, како и во зависност од референтната цена на LNG гасот. Ова на некој начин оди во прилог на контролирање на порастот на цените, имајќи во предвид дека и во текот на ноември 2022 беше ограничена и цената на електрична енергија до 180 евра за мегаватчас.

Се справи ли Владата добро со оваа криза, многу критики пристигнуваат од сите страни, се увезува струја, доцна се рестартираа домашните погони? Опозицијата вели мерките за енергетската криза се половични решенија…

-Секогаш ќе има дебата дали со некоја состојба Владата се справила добро, и дали можела подобро. Секогаш има критики и од опозицијата и од едни исти „експерти“ кои ги користат истите фрази и манипулираат со граѓаните служејќи се со дезинформации и заплашувања. Во моментите на почетокот на енергетската криза, сите бевме сведоци дека истите „експерти“ секојдневно во медиумите тврдеа дека струјата ќе поскапи за над 50%, па потоа дека немало јаглен, имало за уште ден, два, па дека ќе сме имале рестрикции, и што уште не.

Фактите го кажуваат спротивното. Ниту најавите за поскапувања на  електричната енергија се остварија, јаглен редовно се копа со предвидената динамика, додека рестрикции немало ниту еден ден, за разлика од некои од земјите во регионот.

Во делот на домашното производство на електрична енергија, бројките покажуваат дека имаме зголемување, еве заклучно со 26ти декември 2022 година, призводството на електрична енергија од капацитетите на ЕСМ и ТЕЦ Неготино, произведени се вкупно 4068 гигават часови на електрична енергија, додека за истиот период во 2021 година, произведени се 3227 гигават часови на електрична енергија. Зголемувањето е околу 26% и ова оди во прилог на политиката и интенцијата на Владата да се направат максимални напори, да се максимизира производството на електрична енергија од објектите со кои располагаме. Меѓутоа мораме да бидеме реални и да кажеме дека располагаме со објекти стари преку 40 години, амортизирани и со намалена ефикасност. Слушаме критики дека инсталираниот капацитет не бил искористен максимално, а реалноста е спротивна, калоричната вредност на јагленот е сериозно намалена во споредба со јагленот што се копал пред 10 или 20 години, електраните се амортизирани и стари, а очекувањата се дека тие треба да работат со ист капацитет и ефикасност како и пред 20 години.

Дали можевме да се справиме подобро, доколку сакаме да се подобруваме и да се движиме во правилна насока, да сметам дека во некои ситуации сме можеле и подобро да реагираме. Можевме и многу подобро да се справиме доколку во минатото изградевме барем еден дел од енергетските проекти, кои беа ветувани на граѓаните со години наназад. Доколку беа изградени Чебрен и Галиште, Бошков Мост, Луково Поле, Комбинираната гасна електрана во Скопје, нова термоелектрана во Неготино, тогаш веројатно немаше ни да зборуваме за енергетската криза и каква била цената на електричната енергија на берзите во регионот. Не само што немаше да имаме криза дома кај нас, туку и ќе заработевме многу од кризата извезувајќи ја таа електрична енергија кај нашите соседи.

За жал, реалноста е дека увезуваме електрична енергија, меѓутоа таа слика е од почетокот на 20-тиот век, започнувајќи од 2000 година, и секој граѓанин тоа може да го провери, дали на веб страната на Државниот завод за статистика или во годишните извештаи на Регулаторната комисија за енергетика. Ако сега некој тврди, дека можеме сами да ги обезбедиме потребите од електрична енергија, тогаш зошто пред 7,8 години или повеќе сме увезувале електрична енергија а не сме ја произведувале сами.

Можни ли се рестрикции доколку дојде до недостаток на струја?

-Сите напори кој ги прави енергетскиот тим во Владата, на чело со Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски се со цел да нема нарушување и прекини во снабдувањето со електрична и топлинска енергија, како и снабдувањето со енергенси кои се потребни за производство на електрична и топлинска енергија.

Сите бевме сведоци дека во моментите на највисоките цени со енергенски, како и на најавите во неколку земји од регионот, ќе има забрани за извоз на енергија, веднаш беше вклучен алармот во Владата и беа остварени билатерални средби со Претседателот на Бугарија Румен Радев, Премиерот и економските министри во Бугарија, Премиерот Мицотакис и економските министри во Грција, со Претседателот на Република Србија Александар Вучиќ како и Премиерот на Албанија Еди Рама во рамките на Отворен Балкан. По овие средби сите заеднички ја подигнавме состојбата на едно повисоко ниво во рамките на Европската Унија, беа остварени и средби со Претседателката на Европската Комисија Урсула вон дер Лејен како и со Еврокомесарката за енергетика Кадри Симсон.

На средбите кои се одржаа на наша иницијатива, со подршка и на Претседателот Стево Пендароски, беше договорено да нема забрани за извоз на енергија и енергенси кон Северна Македонија. Можам да потврдам дека од страна на сите земји соседи, ова беше прифатено и превземено како ветување дека нема да се случи.

Меѓутоа сите треба да бидеме свесни, дека ние сме во прогласена енергетска кризна состојба која трае до 30 април 2023 година, на сила е и Уредбата за критериуми за прогласување на енергетската кризна состојба, во која има сценарија по кои може да се постапува, а се однесуваат на редукција на потрошувачката на електрична енергија. Сценаријата се предвидени со цел избегнување на целосен колапс на енергетскиот систем во Република Северна Македонија. Овде би сакал да потенцирам дека тоа се сценарија, доколку се случат некои непосакувани хаварии на критичната енергетска инфраструктура, или пак имаме забрана за увоз на енергија од некоја од соседните држави.

Се додека трае војната во Украина, сите треба да бидеме особено внимателни да бидеме спремни на сите сценарија, дури и на тие што се најмалку посакувани.

Очекувате ли нови поскапувања и кога може да очекуваме стабилизација на цените на струјата и гасот? Дали штедењето, по ваше мислење, и за граѓаните и за институциите ќе стане „новото нормално“?

– Граѓаните и сите ние ги очекуваме конечните одлуки на Регулаторната комисија за енергетика во однос на цената која домаќинствата и малите потрошувачи ќе ја плаќаат следните 6 месеци. Во делот на надлежностите на Владата како сопственик на ЕСМ, направени беа максимални напори да не дојде до ново поскапување, ЕСМ веќе достави понуда до ЕВН Хоум која изнесува 56 евра за мегават час, која е значително пониска од цената на електричната енергија на регионалните берзи. Видовме, дека и Регулаторната комисија за енергетика ги објави и крајните цени за сите корисници, во сите тарифни блокови. Може да забележиме дека за најголемиот дел од потрошувачите, немаме промена на цените како што тоа беше најавено и од претседателот на Владата, дека Владата прави максимални напори со цел да нема поскапувања на електричната енергија за граѓаните. Дополнително она што оди во прилог на македонската економија, е намалувањето на цената на електричната енергија за малите потрошувачи за околу 20%.

Ќе потенцирам уште еднаш, додека трае војната во Украина, треба да бидеме спремни на сите можни сценарија кои влијаат на цените на енергенсите, како и на достапноста на истите.

Многу е важно што Европската Унија, секојдневно ги следи случувањата и земјите членки постојано бараат начини за ставање под контрола на движењето на цените, како би можело да се одржи некаква стабилност на економијата и социјален мир за граѓаните. Донесените одлуки, на ограничувањето на цената на електричната енергија од пред неколку месеци, како и динамичното ограничување на цената на природниот гас, ќе донесат некоја стабилизација на краток рок и истата веќе дава и резултати.

Без разлика дали станува збор за криза или не, ние овде во Северна Македонија мора да ги менуваме навиките и мора рационално да се однесуваме кон енергијата. Тоа што за нас сега е чудно, дека Владата повикува на штедење, во Европа и развиените земји во Светот одамна е нормално. Потребно е да се зголемат инвестициите во енергетска ефикасност, и во рамките на Владата се разговара за можни дополнителни мерки за граѓаните, во делот на субвенциите за инсталирање на енергетски ефикасни уреди, ефикасно менаџирање на енергијата и други. Долги години наназад, Министерството за економија доделува субвенции за инсталирање на соларни термални системи, за замена на стари прозори и врати со нови, за инсталирање на фотонапонски системи за производство на електрични енергија и слично. Од страна на Европската банка за обнова и развој обезбедени се и поволни кредитни линии, со грантови кои се пласираат преку комерцијалните банки.

Лично очекувам дека граѓаните и компаниите во иднините неколку години значително ќе посветат повеќе внимание на енергетската ефикасност со цел да ја намалат потрошувачката на електрична енергија и топлина.

Редовно излегувате со пресметки кој колку потрошил и кој колку заштедил од општините во изминативе месеци. „Вообичаените осомничени“ ги знаеме сите, а незадоволството на граѓаните поради состојбата со нив се зголемува. Планирате ли да преземете мерки против овие „трошачи“?

-Намалувањето на електричната енергија, во ек на најголемата енергетска криза во Европа е еден од важните фактори за успешно справување и намалување на негативните ефекти од кризата. Токму и затоа Владата, на предлог на Министерството за економија го усвои планот и препораките за штедење кои се однесуваат на државните институции, државни јавни претпријатија и општините и општинските претпријатија.

Како што и вие следите, Министерот за економија, редовно месечно ги споделува со јавноста потрошувачката на електрична енергија, за изминатиот месец во споредба со истиот месец во претходната година, со цел да се направи споредба на потрошувачката и да се констатира колкави се заштедите.

Можеме да забележиме дека најголем дел од институциите имаат одлични резултати, и просечниот процент на заштеди е над 20%. Ова се должи и на успешното менаџирање на првите луѓе во тие институции како и на самите вработени кои покажуваат високо ниво на свесност за постојната состојба и рационално се однесуваат кон енергијата.

Забележавме дека некои институции, штедат помалку од предвиденото, а некои потрошиле дури и повеќе од потрошеното во истиот месец во текот на претходната недела. Се разбира дека тоа не оди во прилог на справувањето со кризата, меѓутоа пред да зборуваме за превземање на некакви казни или мерки против тие институции, мора да се направи анализа, како резултат на што е зголеменета потрошувачка, дали во таквите институции постојат некои процеси и активности, кои не трпат намалување на потрошувачката, односно дали некои институции имаат зголемен простор во кој ја обавуваат дејноста и слично.

Очекувам во текот на наредните месеци, при следењето на потрошувачката да се направи и ваква анализа, па дури тогаш да се разговара за барање на одговорност од страна на првите луѓе на тие институции.

Иако на широко се коментира и анализира кои настани ќе ја диктираат цената на енергенсите во следната година, што според вас ќе ја детерминира цената на гасот и струјата? Колку крајот на војната во Украина ќе има придонес кон сето тоа?

-Потенцирав дека додека трае војната во Украина треба да бидеме подготвени на сите сценарија и да се однесуваме одговорно и рационални кон енергијата. Во изминатите неколку месеци, бевме сведоци дека поради дел од донесените одлуки на Европската Комисија, имаме некое стабилизирање на цената на електричната енергија и на природниот гас. Во текот на периодот на новогодишните и божиќните празници, истотака ќе имаме намалување на цените, но тоа не е репрезентативно и ќе биде краткотрајно.

Еден од факторите кои дополнително влијаеше на цената на природниот гас и електричанта енергија беше, мерката на ЕУ складиштата со природен гас да бидат со 80% исполнетост на почеток на ноември секоја година. Овој процент ќе се зголемува до 90% во текот на наредните години. Резултатите од оваа мерка, беа одлични и во ноември 2022 година, исполнетоста беше околу 91%, додека кај некои држави исполнетоста беше и 100%.

Во зависност од тоа, колку овие складишта можат да ги покријат потребите на секоја држава поединечно, може да се очекуваат стабилни цени, во моментот кога секоја држава ќе почне повторно да ги полни складовите, може да се очекува пораст на цените и на природниот гас и на електричната енергија.

Во секој случај, завршувањето на војната во Украина позитивно ќе влијае на состојбата со цените, и може да се очекува нивна стабилизација во годините што ќе следуваат по завршување на војната.

Македонија е земја која, во поголемиот дел, може да ја обезбеди својата енергетска независност, пред се со преминот на „чисти“ извори на енергија. Владата минатата година промовираше неколку сериозни проекти со изградба на фотоволтаични централи, но засега сето тоа изгледа минимално. Поради кризата се вративме на „валканите“ извори, па оттука прашањето, ќе ја одложи ли кризата „зелената транзиција“ на земјава?

-Република Северна Македонија е дел од европскиот континент, ние сме земја основач на Секретаријатот на енергетската заедница и кандидат за членка на Европската Унија и повеќе од очигледно е дека нашата енергетска политика мора да биде во согласност со енергетската политика на Европската Унија. Ние не сме изолиран остров, не граничиме со Кина или со некои земји во Азија кои се најголеми потрошувачи на јаглен, за да правиме планови дека во иднина ќе продолжиме да го користиме јагленот и да градиме дури и нови производни објекти на јаглен. ЕУ навремено воведе механизми, како ова да се спречи, еден од тие е EU ETS системот во кој членуваат сите земји членки, или систем за тргување со емисии, или пластично “пенали“ за производство на електричната енергија од термоелектраните. Вториот механизам, кој е клучен за енергетската транзиција е механизмот CBAM, или дополнителен данок за производи кои остатаните земји надвор од ЕУ ги извезуваат во унијата, а енергијата која се користела за производство на тие производи е „нечиста“ или произведена од загадувачки технологии. Ова во првите години, ќе биде наменето за извозот на цемент, алуминиум, челик, вештачки ѓубрива. Со овие два механизми, произведената електрична енергија од јагленот би била најскапа, и од економски аспект ќе нема никаква логика да продолжи производството на електрична енергија од јаглен. Ова се главните инструменти на ЕУ за остварување на Зелениот Договор, односно нула емисии од штетни гасови на Европскиот континент до 2050.

Токму ова беше препознаено од Владата, и ја донесовме Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година, базирана токму на Зелениот Договор. Предвидени се сериозни инвестиции, во текот на наредните неколку години, токму во обновливи извори на енергија, пред се во фотонапонските електрани, ветерните електрани, електраните на биогас како и во хидроелектраните.

Не би се сложил дека изградените фотонапонски електрани, се минимални, врз основа на информација од Регулаторната комисија за енергетика, само за 2022 година, изградени се 145 мегавати електрани на обновливи извори на енергија, пред се фотонапонски, ветерни и мали хидроцентрали. Само во последните три години, потпишани се договори за изградба на 130 мегавати на фотонапонски електрани, од кои половината се веќе изградени, потпишани се договори за јавно приватно партнерство за изградба на две фотонапонски електрани од по 50 мегавати, што значи може да очекуваме до крајот на 2023 година, да имаме инсталирано над 300 мегавати на фотонапонски електрани.

Сите земји во Европа на „кратко“ посегнаа по валканите извори со цел успешно справување со кризата, меѓутоа ги забрзаа плановите за енергетската транзиција, Европската комисија ги зголеми амбициите и си ги зголеми таргетите за процентот на обновливи извори во 2030 година. Истото очекувам да го следиме и ние, да продолжиме да се справуваме со енергетската криза со сите расположиви капацитети, меѓутоа да не ги заборавиме инвестициите и развојните проекти кои на среден и долг рок ќе ни ја обезбедат енергетската сигурност.

Доколку се движиме со ова темпо, кога очекувате земјава да стане енергетски независна и дали воопшто?

-Во одговорот на ова прашање, потребно е да бидеме и самокритични, и да констатираме дека развојните проекти во државната компанија ЕСМ не се реализирале со задоволително ниво. Како да стана нормално државната компанија да не инвестира во нови енергетски објекти, еве ако направиме пресек на инвестираните проекти во изминатите 30 години, бројките се поразителни, хидроцентралата Козјак со инсталиран капацитет од 82 мегавати, пуштена во употреба во 2004 година, хидроцентралата Света Петка со инсталиран капацитет од 36 мегавати пуштена во употреба во 2012 година и ветерниот парк Богданци со инсталиран капацитет од 36 мегавати пуштен во 2014 година. Државната фирма, изградила вкупно 154 мегавати за цели 30 години, или во производство на електрична енергија на годишно ниво, овие електрани задоволуваат помалку од 5% од потрошувачката на електрична енергија. Ако ЕСМ продолжи со истото темпо, сигурно ни за наредните 100 години нема да успееме да бидеме енергетски независни.

Колку за споредба, приватниот сектор само за една година изградил енергетски капацитети со инсталиран капацитет од 145 мегавати. Или само во последната година, изградени се електрани колку за сите 30 години, од страна на ЕСМ. Ова не е одржливо ниту на краток рок, а замислете на среден и долг рок. Мора да се забрза изработката на потребните технички документации за изградба на нови капацитети во рамките на ЕСМ, мора да се работи на нова гасна електрана во Битола која ќе обезбеди производство и на електрична енергија и на топлинска енергија, а ќе придонесе за успешна праведна транзиција на РЕК Битола. Мора да се работи на техничка документација за изградба на неколку “мали“ хидроелектрани на реката Вардар со кој ќе се искористи и овој хидропотенцијал. И се разбира проектите за изградба на фотонапонски електрани во РЕК Битола, РЕК Осломеј и на други локации низ државата кои се во фаза на развој од страна на ЕСМ.

Се планираат ли нови мерки за помош на граѓаните и бизнисот во Новата година? Се чини позитивно се прифати можноста за инсталирање на сопствени фотоволтаични централи, каде вишокот ќе може и да се продава…

-Владата од самото започнување на енергетската криза на средината на 2021 година, како и во текот на целата 2022 година е во постојана комуникација и соработка со преставниците на стопанските комори со цел изнаоѓање на прифатливи решенија за подршка на приватниот сектор во справувањето на последиците од енерегетската криза. Првично, најголемиот дел од енергијата беше вложена во обезбедување на непрекинато снабдување со електрична енергија, топлинска енергија и природен гас за сите во државата, и со тоа за сега одлично се справуваме.

Вториот сегмент беше, да се обезбеди буџетска подршка, за цените на електрична енергија и топлинска енергија за граѓаните да не се зголеми согласно огромните зголемувања на цените на европските берзи, и во овој сегмент, Владата одлично се справи со предизвикот, зголемувањата на цените за најголем дел од граѓаните во текот на 2022 година беа минимални. А за 2023 истотака се незначителни.

За компаниите, посебно за малите потрошувачи беше гарантирана цената преку универзалниот снабдувач, во најголемиот дел од годината значително пониска од цената на европските берзи, а во текот на наредната истата ќе биде намалена за околу 20%.

Врз основа на порастот на трошоците за живот, Владата таргетираше неколку клучни сектори на кои им се помогна со значително пониска цена за електрична енергија, со цел намалување на основните производи за живот а во интерес на граѓаните, притоа беа подржани, производителите на млеко, леб, месната индустрија, комуналните претпријатија, образовните институции, болниците и други. Овие мерки ќе продолжат најмалку до крајот на април и завршувањето на енергетската кризна состојба прогласена од парламентот и трае до 30 април 2023 година.

Економскиот тим, секојдневно ја следи состојбата и доколку има потреба од дополнителни мерки, се разбира во соработка со стопанските комори, истите ќе бидат разгледувани, анализирани и најверојатно и донесени.

На кои проекти ќе се работи во 2023 година, кои ќе придонесат за енергетска стабилност на земјава?

-Еден од клучните проекти за успешна реализација на енергетската транзиција е пумпно акумулационата хидроцентрала Чебрен, проект кој многу добро е познат на македонската јавност, и тоа во исто време како еден од стратешките проекти, а и како симбол за десетина неуспешни тендери. Имајќи ги во предвид техничките можности на Чебрен, производство на електрична енергија во часовите на врвно оптоварување, складирање на огромна количина на вода, како и можноста за пумпање, тој станува клучен проект за нашата енергетска транзиција и зголемено инвестирање во чиста енергија. Очекувам на почетокот на годината, да се донесе одлуката за избор на најповолен понудувач и да се потпишат Договорите за концесија и Договорот за заедничко вложување со приватниот партнер. Овие процеси ќе пратат силен сигнал дека сме на патот на изградба на одржлив енергетски сектор.

Останатите клучни проекти, се стратешките проекти кои ги споменуваме во текот на 2022 година и процесите низ институциите кој што требаше да се завршат се веќе во последна фаза, а тоа се ветерениот парк Вирови кој треба да го гради една од реномираната германска компанија, WPD со инсталиран капацитет од 414 мегавати, како и сончевиот парк Стипион, на реномираната француска компанија AKUO Energy со инсталиран капацитет од 400 мегавати. Да не го заборавам и проектот комбинирана гасна електрана во Скопје со инсталиран капацитет од 150 мегавати, од една од најреспектабилните грчки компани Mytilineos, кој се лидери во делот на металургијата, производството на електрична енергија од природен гас, а во последно време и по изградбата на голем дел на сончеви електрани во Европа. Очекувам до крајот на првиот квартал, Договорите со секој од нив, како и Законите да бидат изгласани во Собранието.

Верувам дека овие проекти на среден и долг рок, ќе ни ја обезбедат потребната стабилност. Дополнително, очекувам во ЕСМ да се забрзаат процесите за подготовка на технички решенија и документации за изградба на предвидените фотонапонски електрани и гасната електрана во Битола. Следната година ќе биде клучна за идниот развој на енергетскиот сектор, и доколку проектите кои ги наведов се движат во вистинската насока, нема да се грижиме за нашата енергетска иднина.

Превземено од Локално.мк