Американскиот амбасадор во руската престолнина Москва, Џон Саливан го одби предлогот на руското Министерство за надворешни работи да ја добие вакцината против коронавирусот „Спутник В“.

Ова на твитер го соопшти прес-секретарот на американската дипломатска мисија Ребека Рос, цитирана од РИА Новости,.

Во вторникот, на 22 декември, амбасадата на САД објави на фејсбук фотографија од новогодишна елка украсена со заштитни маски и средства за дезинфекција на рацете, како и писмо од Саливан до Дедо Мраз, во кое тој уверува дека се однесувал добро цела година и за подарок сака нов стап за хокеј, вакцина против КОВИД-19 и патики за трчање.

Руското Министерство за надворешни работи пак и одговори на амбасадата во својство на Дедо Мраз: Вакцината „Спутник В“ е одобрена за лица над 60-годишна возраст.

– Амбасадорот Саливан му се заблагодари на руското Министерство за надворешни работи за предлогот, но одби да ја прифати вакцината Спутник В, наменета за некој од руските граѓани, рече Ребека Рос.

Во август, руското Министерство за здравство ја регистрираше првата вакцина во светот за превенција од КОВИД-19, изработена заедно со рускиот Фонд за директни инвестиции.