Албанската влада воведува новина во предлог-буџетот за следната година а тоа е вонреден данок за производителите на електрична енергија што извезуваат.

Владата го аргументира наметнувањето на овој данок со тоа што „производителите на енергија оствариле профит без зголемување на трошоците поради поскапувањето на енергенсите со кои се тргува на берзата“.

Се предвидува производителите да бидат оданочени за овие дополнителни профити со стапка од 33 отсто.

Врз основа на ова очекуваните приходи во буџетот се проценуваат на 71 милион евра.

Друга новина во Предлог-буџетот е враќањето на спортското обложување што го забрани пред четири години и предвидува во буџетот да се слеат над 17,2 милиони евра.

Инаку, под влијание на движењата и очекувањата за глобалната економија и особено онаа на Европската унија, идната година се очекува забавување на економскиот раст во Албанија и се предвидува да изнесува 2,6 отсто.