Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети во обраќањето на третиот Самит на албанската дијаспора, што се одржува во Тирана, денеска изјавил дека албанската дијаспора има незаменлива улога, јави abcnews.al.

– Денес Косово е држава, Албанците во Република Северна Македонија се државотворни во сите вредности што му припаѓаат на еден народ, со јазик, знаме, симболи. Албанците во Црна Гора не ни сонувале дека ќе имаат премиер Албанец, Дритан Абазовиќ. Затоа, албанската емиграција, историски, од Букурешт, Истанбул, Египет и конечно, но крваво, онаа во Европа, која кулминираше со ОВК. Војните ги добивме и политички, воено и дипломатски. Денес имаме нова и посилна борба, да ја направиме нашата татковина просперитетна, да се организираме повеќе, дијаспората ја има оваа можност, рекол меѓу другото Ахмети, потсетувајќи дека и тој бил печалбар.

Додал дека „денес, со знаење и мудрост, можеме многу брзо да ги имаме нашите земји во ЕУ”.

– Како што сме во НАТО, утре ќе бидеме во ЕУ. Европа не може да биде мирна без Албанија, Косово, Северна Македонија и Црна Гора. Не може да има мир на Западен Балкан без овие држави. Мора да работиме посветено, ништо не може да биде невозможно. Да живее албанскиот народ, порачал лидерот на ДУИ, Али Ахмети.