Манчестер Сити денес го декласираше Евертон со 5-0 во последното коло од Премиер лигата.

Сити ја освои титулата порано, па натпреварот против Евертон го одигра целосно олеснет, а истиот го обележа Серхио Агуеро на збогувањето со клубот.

Тој влезе во 65-та минута, а потоа во 71. и 76. минута ја затресе мрежата на гостите од Ливерпул и со тоа го сруши рекордот на Вејн Руни, поранешен напаѓач на Евертон и Манчестер Јунајтед.

Тој ја достигна бројката од 184 голови за „граѓаните“, оставајќи го зад себе Вејн Руни, кој е рекордер со 183 погодоци во дресот на Манчестер Јунајтед.

Менаџерот на Сити, Пеп Гвардиола по мечот го пофали Агуеро, му се заблагодари за целиот придонес што го даде во клубот, а потоа плачеше.

32-годишниот напаѓач дојде во клубот од „Етихад“ во 2011 година и оттогаш постигна рекордни 257 погодоци на 384 натпревари. Со Манчестер Сити освои пет титули во англиската лига, еден ФА Куп и пет Лига купови.

Аргентинецот има шанса да замине како голем шампион, бидејќи неговиот Сити го игра последниот натпревар сезонава на крајот на месецот во Порто, финалето од Лигата на шампионите против Челзи. Агуеро дефинитивно го заслужи и тој трофеј во својата кариера.