Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска се сретна со Шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава амбасадорот Дејвид Гир кој официјално му го предаде Извештајот за напредок на Република Северна Македонија за 2022 година.

Како што соопштија од собраниската прес-служба, на средбата покрај претседателот, присуствуваа и, координаторите на пратеничките групи на СДСМ, Јован Митрески, на ДУИ, Арбер Адеми, пратеникот на ВМРО ДПМНЕ, Антонио Милошоски, пратеникот на Алијанса за Албанците, Атнан Незири и генералната секретарка на Собранието, Цветанка Иванова.

-Амбасадорот Гир, при презентацијата на Извештајот за напредокот на земјата, го потенцираше делот за Собранието како форум за конструктивен политички дијалог, особено за реформската агенда на ЕУ и како централна институција во која се одвива дебатата на сите политички партии. Се потенцира дека треба да игра активна и позитивна улога во процесот на преговори за пристапување во ЕУ. Потребни се заеднички и брзи напори од сите партии како приоритетни чекори за зајакнување на улогата на законодавниот дом. Во него се нотираат очекувањата и важноста од активно вклучување и интерес и во процесот на Дијалогот Жан Моне на сите политички партии во Собранието, се наведува во соопштението.

Претседателот Џафери, се посочува, ја потенцираше важноста од доследно спроведување на дело на декларираните евроинтеграциски цели отсликани во партиските програми на сите пратенички групи и претставници на политички партии претставени во Собранието.

-На кратката средба го разгледавме делот кој се однесува на Собранието. Извештајот потврдува дека потребни се заеднички и брзи чекори од сите политички партии во Собранието, особено за реформскста агенда на ЕУ, објави Џафери за средбата и на неговиот официјален фејсбук профил.

Во наредниот период надлежните комисии на Собранието детално ќе го разгледаат Извештајот по што ќе се усвојат заклучоци.

Извештајот за напредокот на Република Северна Македонија од Европската Комисија е веќе објавен и може да се прочита интегрално.