Унапредување на соработката меѓу двата парламента за натамошните активности на групите за пријателство и соработка и користењето на сите предности на парламентарната дипломатија, беа во фокусот на средбата на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери со Делегацијата од Кнесетот на Државата Израел, предводена од Хамад Амар, претседател на Парламентарната група за пријателство Израел-Северна Македонија и Тсега Мелаку, членка на Групата.

Како што информираат од Собранието, на средбата присуствувала и претседателката на Пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со Кнесетот на Државата Израел Рашела Мизрахи, генералната секретарка на Собранието на Република Северна Македонија Цветанка Иванова и Симона Франкел, амбасадорка на Израел во земјава.

Делегацијата престојува во официјална посета по повод Комеморацијата на 80 години од депортацијата на Евреите од Македонија во логорот Треблинка, а на средбата, претседателот Џафери се осврнал на претстојните комеморативни настани на кои официјалните претставници на Кнесетот на Израел ќе имаат можност да оддадат почит кон засекогаш загубените животи.

– Почитта што ја придаваме на еврејската заедница во нашата земја која е многу почитувана, е изразена и преку Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје, со што се покажува и потврдува нашата определба за трајни пријателски врски со Државата Израел и унапредување на билатералните односи на сите нивоа, посочил Џафери, пренесуваат од Собранието.

 

Дополнуваат дека истакнал дека е посебна чест што Република Северна Македонија минатата година стана 35-та полноправна членка на Меѓународната алијанса за сеќавање на холокаустот – IHRA, каде соодветно, преку форумите на организацијата ќе дава придонес кон светската меморија за холокаустот.

Претседателот Џафери истакнал и дека, покрај стратешките приоритети на нашата надворешна политика, членството во НАТО и преговорите со ЕУ, Република Северна Македонија има интерес за интензивирање и зајакнување на соработката со земјите од Блискиот Исток во сите области од взаемна корист.

– Високо ја цениме конструктивната позиција на Државата Израел во напорите за стабилизација и нормализација на односите во регионот на Блискиот Исток, како директен резултат на „Абрахамскиот договор“. Република Северна Македонија ги поздравува и силно ги поддржува сите напори за постигнување траен мир и стабилност во овој регион, истакнал тој.

Претседателот на Парламентарната група за пријателство Израел-Северна Македонија, Хамад Амар, истакнал дека работата на групите за пријателства е исклучително важна за севкупниот развој на билатералните односи помеѓу земјите и потврдил дека во Кнесетот, без оглед на различните политички провениенции, кога се работи за нашата земја, и власт и опозиција се едногласни дека пријателството со Република Северна Македонија е од голема важност. Амар ја искористил приликата да упати покана за возвратна посета на Парламентарната група за соработка на Собранието на Република Северна Македонија во Кнесетот на Државата Израел.