Овој акцентирано непријателски чекор е продолжување на курсот кон вртоглаво уривање на билатералните односи со Русија што пред неколку недели го зазедоа властите на Северна Македонија. Со приклучувањето кон русофобичната хистерија што ја почна Западот, Скопје уште еднаш ја потврди подготвеноста непромислено да го жртвува суверенитетот и да носи одлуки кои се во спротивност со расположението во јавноста и им противречат на коренитите национални интереси, изјави портпаролката на МНР на Русија Марија Захарова во врска со протерувањето на руските дипломати од Македонија.
Амбасадорот на Руската Федерација во Македонија, Сергеј Баздникин вчера бил повикан во Министерството за надворешни работи при што му била врачена дипломатска нота, со која петмина вработени во Амбасадата на Руската Федерација се посочени како непожелни во земјава или персона нон грата. Како што соопшти МНР на Македонија, согласно информациите добиени од надлежните органи, наведените извршувале активности кои се во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи и ќе треба да ја напуштат територијата на Македонија во наредните пет дена.
Ќе бидеме принудени да преземеме реципрочни мерки, додаде Захарова./MKD