Втората рунда преговори меѓу Русија и Украина е закажана за утре, јави руската државна новинска агенција „Тас“ повикувајќи се на извор од руска страна.

Првата рунда преговори, која се одржа во близина на границата меѓу Белорусија и Украина, заврши во понеделникот по речиси шест часа без никаков договор, но двете страни се договорија следната рунда да се одржи во наредните денови.

Киев на средбата побара итен прекин на огнот и повлекување на руските војници од украинска територија.

Претседателот Володомир Зеленски ги повика руските војници да го положат оружјето, а Европската Унија итно да ја прими Украина во членство.

Иако руската страна јавно не ги кажа своите барања, Владимир Путин за време на разговорите со францускиот претседател Емануел Макрон рече дека бара меѓународната заедница да го признае рускиот суверенитет на Крим и, како што истакна претходно, демилитаризација и денацификација на Украина.