Четири затворски и четири условни казни изрече скопскиот Кривичен суд, меѓу нив и за поранешни функционери од владата на Никола Груевски за првиот случај кој го отвори некогашното СЈО – „Титаник“ кој се однесува на кривични дела против изборите и гласањето за парламентарните избори во 2011 и локалните избори 2013 година.
Миле Јанакиески – затворска казна од 4 години и 6 месеци
Гордана Јанкулоска – затворска казна од 2 години и 6 месеци
Мартин Протуѓер – условна казна затвор од 2 години
Билјана Бришковска-Бошковски – условна казна затвор од 2 години
Катерина Веловска – условна казна затвор од 2 години
Киро Тодоровски – условна казна затвор од 2 години
Мунир Пепиќ – затворска казна од 1 година
Коста Митровски – затворска казна од 3 години
Тие на последното рочиште признаа вина за повеќето дела кои им се ставаа за товар, но не и за некои како злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања – дело за кое ќе продолжи да им се суди.
Судијата Осман Шабани, изрекувајќи ја пресудата рече дека екс премиерот во бегство Груевски кој е првообвинет во случајот ги давал насоките, Јанакиески и Јанкуловска сториле кривични дела од позиција на министри.
И Миле Јанакиески од позиција на Министер за транспорт и врски во Владата на РМ го организирале незаконското финансирање на изборните кампањи, ги организирале активностите на групата за употреба на сериозни закани и притисоци на лица со избирачко право.
-Обвинетата Гордана Јанкуловска од позиција на Министер за внатрешни работи во Владата на РМ учествувала во организирањето на активностите на групата за притисоци на лица со избирачко право. Го организирала незаконското определување на живеалишта и изработка на лични карти и вршела други работи во координација со обвинетиот Никола Груевски.
Миле Јанакиески, кој од ноември се бранеше од слобода, од денеска ќе остане во куќен притвор на барање на обвинителката Лиле Стефанова според која постои опасност од бегство.
По изрекувањето на казните ниту еден од нивните адвокати не сакаше да ја коментира пресудата.
За останатите обвинети кои не се чувствуваат виновни, меѓу кои Илија Димовски и Кирил Божиновски и останатите, судењето продолжува на 9 март.