Безбедносната состојба во земјава е стабилна, а има и доволно стоковни резерви и енергенси, било констатирано на седницата на Советот за безбедност, која ја свика претседателот Стево Пендаровски. Сепак, како што се додава во соопштението од неговиот кабинет, институциите треба да изготвуваат можни сценарија во зависност од развојот на настаните.
„На седницата на Советот за безбедност беа осудени воените дејствија кои Русија ги презема над Украина кои веќе донесоа загуба на човечки животи и материјална штета“, велат од Кабинет на претседателот.
Претседателот Пендаровски претходно истакна дека инвазијата на Украина од страна на Русија е сериозна повреда на меѓународното право, удар врз демократскиот поредок и закана за стабилноста на Европа.
Осуда за воените дејствија пристигна и од премиерот Ковачевски.
„Војната е најлошиот начин за решавање на недоразбирањата, а агресијата врз Украина е закана и за европскиот и светскиот мир. Владата ја следи многу внимателно состојбата во Украина.
Безбедносната состојба во нашата земја е стабилна и во овој момент не постои директна закана за безбедноста на Северна Македонија“, рече Димитар Ковачевски – претседател на Владата.
Спикерот Џафери посочи дека Украина не е географски далеку одовде и ако воените дејствија ескалираат дијалогот треба да има приоритет.
„Не е далеку од причина што последиците се далекусежни и многу значајни. Не само од воен аспект или географски аспект, туку особено од економски аспект секако ќе има соодветни влијанија“, нагласи Талат Џафери – претседател на Собрание.
Искажаната поддршка од земјава ја поздрави украинската амбасадорка во Скопје.
„Им благодарам на сите граѓани на Северна Македонија. Сега добиваме огромна количина на повици и пораки во знак на поддршка за Украина… Да бидеме обединети во ова тешко за Украина и Европа време“, рече Наталија Задорожњук – амбасадорка на Украина.
Македонскиот амбасадор во Киев, Крум Ефремов пак, за дел од медиумите информираше дека има македонски државјани кои побарале да бидат евакуирани, но во моментов нема цивилни летови.
Состојбата во Украина беше разгледана и на владина седница. На неа Владата го задолжи МНР да ги прибере барањата на сите наши државјани кои се наоѓаат во кризните региони, а на оние кои немаат свое сместување во Македонија, да им овозможи згрижување.
Лука Андреев