Подваријнтата стелт омикрон е регистрирана кај пациенти во Македонија, објави Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во неделниот извештај кој се однесува за период од 14 до 20 феврруари 2022 година.
Во Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при ИЈЗ во текот на изминатата недела, кај 49 позитивни примероци на САРС-КоВ-2 од болнички и примероци од пунктовите е направено ПЦР тестирање за детекција на Омикрон сојот. Позитивните примероците се одбрани од тестираните позитивни во период од 14 до 20 февруари од Скопје, Кавадарци, Тетово, Охрид, Струга, Кочани, Велес, Свети Николе, Штип, Виница и Гевгелија.
Во 29 (59,2%) од испитуваните примероци е докажана BA.1 сублинијата на Омикрон. Во 20 (40,8%) од испитуваните примероци е докажана BA.2 сублинијата на Омикрон – позната уште и како „стелт“, соопшти ИЈЗ.
Регистрирани сe 6.119 нови позитивни случаи од 34 градови во државата, со намалување од 29,2% во однос на минатата недела. Процентот на позитивност се движи од 16,7% до 31,1%, просечно 25,8%.
Според неделниот извештај на ИЈЗ во периодот тестирани се вкупно 23.396 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на САРС-КоВ-2, со намалување од 11,2% во однос на минатата недела.
Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Неготино, Скопје и Кавадарци.
Процентот на позитивност се движи од 16,7% до 31,1%, просечно 25,8%. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60г. Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години. Се забележува намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, со најзабележително намалување од 31,5% во возрасната група од 20-29 години и 31,2% кај лицата на возраст од 50-59 години.
Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 863 реинфекции, со намалување за 29,8% во однос на претходната недела. Пријавени се 106 смртни случаи во 23 градови во текот на изминатата недела, за 27,9% помалку во однос на минатата недела. Најголем дел од нив се од Скопје (41). Во однос на возраста, најголем број (95,3%) од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години, а регистрирани се починати лица и кај возрасната група од 50-59 години (4) и 40-49 години (1).
Заклучно со 20.02.2022, вакцинирани се вкупно 869.763 лица со барем една доза на вакцина против ковид-19 во државата и странство. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 848.573 лица, а со трета доза се вакцинирани 140.455 лица.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.