Вицепремиерката за политики на добро владеење, Славица Грковска денеска оствари средба со евроамбасадорот Дејвид Гир, на која, како што информираат, било разговарано за важноста на унапредувањето на основите за дигитализацијата на процесите и овозможувањето на ефикасно и транспарентно функционирање на институциите, а била потврдена и подготвеноста за продолжување на поддршката и соработката во овие области.

Евроамбасадорот Гир, се вели во соопштението, честитајќи ѝ го мандатот на вицепремиерката Грковска ѝ посакал успешна работа, истакнувајќи дека поддршката на ЕУ за исполнување на условите за почеток на преговорите и унапредување на реформите интензивно продолжува.

Грковска, како што информираат од нејзиниот Кабинет, на средбата изразила задоволство од досегашната соработка со институциите на Унијата и го запознала амбасадорот Гир со активностите и плановите за интензивирање на реформите преку креирањето на политики за добро владеење, кои овозможуваат непречено функционирање на надлежните институции, со фокус на обезбедување ефикасна борба со корупцијата и изнаоѓање вистински решенија за детектирани системски слабости.

Двајцата ја нагласиле подготвеноста за размена на искуства и за квалитетно спроведување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025, како и потребата и значењето на добрата соработка и партнерство на институциите во насока на обезбедување ефикасно и непристрасно следење на примената на Кодексот за етичко однесување за носителите на јавни функции.