Директорот на АД Пошти, Јани Макрадули преку социјалните мрежи се огласи за случајот во Дебар, за кој информираше полицијата утрово.

– Во врска со случајот „фалсификување на службена исправа“, за која ОВР Дебар поднесе кривична пријава против Д.Ј.(58) од општина Центар Жупа, вработен во АД “Пошта на Северна Македонија”, Ве информирам дека по претходна пријава, од моја страна беше доставено барање до Самостојната служба за инспекција, за обезбедување податоци и откривање дали е извршена злоупотреба на службената положба и овластување.

По констатирањето на повредите и неправилностите, при извршувањето на работните задачи, од наша страна беа преземени сите мерки и активности за постапување против незаконските дејствија и случајот е пријавен до надлежните органи.

Лицето против кое е поднесена кривичната пријава, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело, веќе не работи во АД “Пошта на Северна Македонија”, а средствата во износ од 220.000 денари, кои противправно ги присвоил, на ден 30.12.2021 година се вратени, односно уплатени на сметка на ќерката на оштетената.

Во АД “Пошта на Северна Македонија” веќе нема компромис во борбата за спречувањето на криминалот и корупцијата.