Просветниот инспекторат констатираше дека не е испочитуван процесот на инклузивно образование во случајот со Амбла, девојче со Даунов синдром во Гостивар. Ова за ТВ21 го потврдија од Министерството за образование, од каде наведоа дека инспекторите биле на терен. Сега останува да се види какви активности ќе преземе општина Гостивар, под чија надлежност се основните училишта. Го прашавме градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари – дали смета дека директорот на училиштето треба да биде разрешен?

„В понеделник ќе имам средба со родителите на децата на училиште. Повикав и претставници од Комисијата за дискриминација и заедно ќе разговараме. Одлуките не треба да се избрзуваат, тие треба да се оценуваат колку што е можно поправедно и рационално. Не ни требаат социјални стигматизации, туку решенија за проблемите“, истакна Арбен Таравари.

За случајот на малата Амбла реагираше и УНИЦЕФ, од каде велат дека локалните власти треба да ја разгледаат истрагата и да донесат одлука за одговорност на оние кои не ги почитувале правата на децата.

„УНИЦЕФ ја осудува дискриминацијата на 11-годишната ученичка од Гостивар и итно бара да се направи поголем колективен напор за да им се овозможи на сите деца да го остварат своето право на квалитетно и инклузивно образование. Органите на државната и локалната власт треба да ја разгледаат можноста за спроведување истрага која ќе ја утврди одговорноста на оние кои не ги почитувале правата на детето со попреченост и да спречат такви случувања во иднина“, велат од УНИЦЕФ.

Инаку, Амбла Адеми, девојче со Даунов сидром, по петиција потпишана од родителите на останатите ученици од класот, беше одвоена во посебна училница каде работеше сама со нејзината асистентка. Родителите го условија раководството на училиштето дека ако не го сторат тоа, тие ќе ја бојкотираат наставата. На социјалните мрежи е покрената петиција за разрешување на директорот на ОУ „Башкими“ во Гостивар, а досега се собрани над 2 илјади потписи.