Свети Григориј, епископ Ниски

Брат на Св. Василиј Велики. Најпрво беше презвитер, зашто беше оженет, а кога умре жена му, блажената Теозва, го избраа и го посветија за епископ во Ниса. Се одликуваше со огромна светска ученост и духовен опит. Учествуваше на Вториот Вселенски Собор. Се мисли дека тој го составил вториот дел од Символот на Верата. Голем беседник, толкувач на Светото Писмо и богослов. Заради поразот што го претрпеа од него, аријанците се имаа особено наострено против него како кон страшен противник, па во времето на царот Валент, нивен едномисленик, успеаа да го симнат Свети Григориј од епископската столица и најнакрај да го протераат во прогонство. Во прогонство тој помина осум години трпејќи секакви беди и понижувања. Најпосле се упокои во длабока старост, на крајот од 4 век, и се пресели во Царството Божјо, останувајќи големо светило на Црквата низ вековите.

Тропар
Словото Божјо привлекувајќи те кон Себе, со мудрост те обдари, о свети епископе Григорие, венец исповеднички доби, кога Црквата од ереси ја очисти, прогони претрпувајќи, подвигот чесно го заврши, оставајќи ги твоите за нас свети поуки, замките да ги одминеме и верата света да ја запазиме.

Преподобен Амон

Подвижник Мисирски. Четиринаесет години се трудеше и Го молеше Бога да го победи гневот во себе. Достигна толкаво совршенство во добрината што повеќе не беше ни свесен дека постои злото во светот. Извонреден познавач на Светото Писмо. Се упокои во почетокот на 5 век.

Свети Маркијан

Роден е во Рим, но како презвитер до крајот на својот век го проживеа животот во Цариград, поголемиот дел за време на царувањето на Маркијан и Пулхерија. Откако наследи големо богатство од родителите, тој целото го потроши за обновување и изградба на храмови и милостињи на сиромасите. Изгради две нови цркви во Цариград, прочуени по убавината и светоста: на Св. Анастасија и на Св. Ирина. Кога го прашаа зошто толку многу троши за црквите, одговори: „Кога би имал ќерка и би сакал да ја омажам за некој благородник, зарем не би потрошил многу злато за да ја украсам како достојна невеста? А овде ја украсувам Црквата, невестата Христова“. Колку пак овој прекрасен маж беше милостив кон црквите и кон сиромасите толку беше тврд и многу тврд кон самиот себеси, следејќи го советот апостолски: А кога имаме храна и облека, да бидеме задоволни (1 Тимотеј 6, 8). За него пишува: „Сиот беше во Бога и Бог беше во него и се престави кај Господа исполнет со години и добри дела“, во 471 година.

Тропар
О Маркијане, оче преподобен, од Бога посиновен, од ангелите пофален, од светителите почитуван, цареви преку тебе се смирија, а демоните трепереа од силата, која Господ преку тебе ја покажа. Паствата се восхитува на твојот живот во Христа, Бога Го прославува, и на твоите молитви се надева, очи наш свети преподобен.

Свети Теофан Затворник

Со својот живот Епископот Теофан потсетува на многумина велики Отци и учители на древната христијанска Црква. Таков суд неодолливо наметнува неговиот морален и аскетски живот, неговата длабока и силна богословска мисла, искажана во пишаните – објавените дела. Роден е во 1815 година во село Чарновскоје (Орловска губернија) во Русија, од татко Василиј Тимотиевич Говоров, свештеник, и мајка Татјана Ивановна која била од свештеничка фамилија. На крштението го доби името Георгиј. Големата благочестивост на родителите на Георгиј беше прва и најважна „школа“ за неговото основно христијанско образование и насочување. Во осмата година (1823) тргна во Ливенската духовна школа. Шест години подоцна (1829) одеше во Орловската семинарија, на чие чело беше архимандрит Исидор, подоцна познат архиереј на Руската Црква. Семинаријата ја заврши во 1827 година со одличен успех. Потоа се запиша на Киевската духовна академија, којашто ја заврши во 1841 година со научен степен магистер, и тоа веќе со јеромонашко име Теофан. Монашкиот завет го положи истата година, значи, пред да ја заврши Духовната академија. Веќе во август 1841 година, јермонахот Теофан е поставен за ректор на Киево-софиската духовна школа. Набргу (1842) е одреден за инспектор на Новгородската семинарија, во која се истакна како извонреден предавач по психологија и логика. Благодарение на умните и духовните способности коишто го красеа, Теофан во 1844 година во Петербуршката духовна семинарија е поставен за предавач по морално и пастирско богословие. Своите предавања ги темелеше на психологијата (оплеменета со личен аскетски живот и осмислена со учењето на Светото Писмо) и житијата на великите богоугодници. Богат со богословие, отец Теофан во 1845 година заслужено е одреден за помошник на инспекторот на академијата, а во 1846 година ги врши должностите на инспектор. Наредната година (1847), по сопствена желба, станува член на Духовната мисија во Ерусалим, којашто ја предводеше архимандрит Порфириј (Успенски), голем познавач на Истокот и истакнат црковен археолог. За време на шестгодишниот престој на Исток јеромонахот Теофан ги посетуваше древните монашки обители и читаше стари ракописи во кои се содржани житијата на светителите и уставите на монашко живеење. Притоа, непосредно разговараше со подвижниците, особено на Света Гора. Сето ова ја загреа неговата љубов и наколнетост кон пустинското подвизување. Поради Кримската војна (1853) Руската духовна академија е повлечена во 1854 година од Ерусалим во Русија. Трудот на јеромонахот Теофан во Мисијата не можеше да остане незабележан. Тоа беше една од причините што во 1855 година го добива достоинството архимандрит и е поставен во Петербуршката духовна академија на катедрата за канонско право, а набргу и на должност ректор на Олонецката духовна семинарија. Истата таа 1855 година архимандритот Теофан стана член на Олонецкиот духовен конзисториј. Во тоа време особено се истакнува со проповедите и мерките коишто ги презема за сузбивање на расколништвото. Познавањето на приликите на Истокот како и познавањето на грчкиот јазик беа пресудни Руската Црква да го постави архимандритот Теофан во 1856 година за старешина на црквата при Руската амбасада во Цариград. Од тоа место одблиску ја прати ситуацијата и го известува Синодот на Руската Православна Црква за расправиите помеѓу Цариградската и Бугарската Црква во врска со расколот во Бугарија. Кога набргу (1857) се покажа потреба архимандрит Теофан со своето служење и искуство на Руската Православна Црква да ѝ пружи нови услуги, Светиот Синод со указ го поставува за ректор на Петербуршката духовна академија. Од тоа место своите трудови главно ги објавува во списанието Христијанско четиво, коешто изгледува под негов надзор. Основна задача му беше, меѓутоа, да бдее над духовниот, воспитен и образовен лик на студентите, па за таа цел присуствува на многу предавања на професорите и на испитите на богословите. Додека беше ректор се погоди Академијата 1859 година да прославува 50 години од своето основање. За трудот и предаденоста на службата во Академијата, Синодот на Руската Црква го награди со орден на свети кнез Владимир од трет степен. Истата таа година избран е за Епископ Тамбовски и Шацки, каде што четири години неуморно ја поучува паствата со необично едноставни и силни проповеди кои се објавени во три тома. За тоа време, Епископот Теофан отвора многу црковно-парохиски и други школи, и го започнува издавањето на епархиското списание. Од особена важност е неговиот богословски труд Писма за христијанскиот живот. Од себе го излева токму она со што е исполнет: духовноста, благоста, татковската љубов кон сите, особено кон ожалостените. Кога во една прилика ги посетува црквите и манастирите во својата епархија, Епископот Теофан ја посети и Вишинската пустина, којашто необично му се допадна по својата положба и монашки устав. Праќајќи го за настојател на пустината игуменот Аркадиј, пророчки изговори: „Појдете, отец игумен, таму, а Бог ќе даде и јас да дојдам при вас“. Кога 1863 година се упокои Владимирскиот Епископ Јустин, Синодот на Руската Црква одлучи на неговата епископија да го постави Тамбовскиот Епископ Теофан, со образложение дека е способен да управува со „поголема паства“. Епископот Теофан, како и во претходната, така и во новата, Владимирската епархија, непрестајно мисионери, отвора училишта, започнува со издавање на епархиски весник и др. После дваесетипетгодишното служење на Црквата на разни начини, Епископот Теофан одлучува да го оствари својот монашки идеал така што се повлекува во пустина и потполно се откажува од овој свет и обврските во него. Таа највозвишена монашка одлука е круна на духовните доживувања и небесните повици коишто Епископот Теофан ги собираше во срцето. Откако се посоветува со својот духовен раководител, Митрополитот Исидор, Епископот Теофан одлучи да упати молба до Светиот Синод, да го разреши од епископските обврски во Тамбовската епархија и да му дозволи постојано да пребива во Вишинската пустина. Одобрението го доби во 1866 година, кога е поставен за настојател на Вишинската пустина, во која до крајот го помина овоземниот живот, иако не како настојател. Набргу повторно испрати писмо до Светиот Синод, да го разреши од обврските на настојател, со цел да оди подлабоко во пустинските карпи, каде што попредадено, во мир, ќе Му служи на Бог. Сакаше, значи, нешто повозвишено од општожителниот пустински манастир и неговиот строг устав. Се повлече во тихување и постојано општење со Бог, какво што само пустината може да овозможи на вистински и искусен духовник. Вдлабочувајќи се сѐ повеќе во смислата на пустинското подвижништво, Епископот Теофан во 1872 година започна да живее затворнички живот. Ги прекина допирите со луѓето и престана да оди во манастирскиот храм на богослуженија, затворајќи се во посебно катче на пустинските престојувалишта, поради што е и наречен Затворник. Оттогаш ги прима само настојателот на пустината, духовникот игумен Тихон, и келијникот, отец Евлампиј. Во своето престојувалиште направи мала црква, посветена на Крштението Господово, во која последните единаесет години секојдневно служеше Света Литургија. Така тој својот затворнички живот го помина во општење со Бог преку молитвата, читање и пишување. Оттаму напиша многу писма – одговори на оние кои му пишуваа барајќи духовна помош, во што виде посебен начин на служење на Црквата Божја. Дневно му стигнуваа 20-40 писма од разни краеви на Русија. Затоа со право еден биограф го нарекува „голем мудрец на христијанската философија, кој е плодотворен до степенот кој го достигнале светите Отци од четвртиот век“. Богословската наука е многу збогатена со трудовите на Епископот Теофан, бидејќи своите мисли низ поуки и толкувања ги изложува едноставно и јасно, така што на сите да им станат разбирливи основните вистини на христијанската вера. Најдобар доказ за тоа е неговиот превод на Добротољубието. Искреноста, скромноста, љубовта кон човекот се основните одлики на светата душа на Теофан Затворник. „Еве, – говорел тој – јас читам и пишувам книги, а во мене нема ништо слично на она што го правеле угодниците Божји.“ Таквиот негов внатрешен свет го правеше благ кон сите. Тој беше наклонет кон тоа сите луѓе да ги смета за свети. Големиот праведник Бог го пресели на оној свет во 1894 година, на денот на Крштението Господово – ден на празникот на храмот којшто го основа во својата келија. Се пресели, но не престана да живее на земјата, во свеста на живите членови на Црквата Христова. Во едно од многуте напишани дела на овој Светител може да се прочита: „Умрените продолжуваат и на земјата да живеат, во сеќавањето на живите, со своите добри дела“. Во 1988 година, скоро сто години по смртта, Црквата го канонизира овој голем подвижник за Светител.

Тропар
Наставниче на Православието, учителу на благочестието и чистотата, Вишенски подвижниче, светителу Теофане богомудар, во пишувањата твои Словото Божјо си го посведочил, и на сите верни патот кон спасението си го покажал, моли Го Христа Бога да ги спаси нашите души.