Град Скопје, по иницијатива од  Државната комисија за спречување на корупција за поведување постапка за утврдување одговорност поради неприменување на одредбите од Законот за јавни набавки при објавување на Јавен повик за избор на коорганизатор на активностите за „Дочек на Новата 2020 година“ поднесе кривична пријава до Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против поранешниот в.д. директор на ЈУ МКЦ, Русе Арсов.

– Русе Арсов од Скопје во својство на в.д. директор на ЈУ МКЦ-Скопје на ден 14.12.2019 година објавил јавен повик за избор на коорганизатор на активностите за „Дочек на Новата 2020 година“ додека критериумите за избор на најповолна понуда со определни бодови од јавната установа биле донесени на 18.12.2019 година, односно по објавување на јавниот повик, и истите не се составен дел на јавниот повик. Поради необјавувањето на овие критериуми, потенцијалните учесници на јавниот повик не биле информирани на кој начин ќе се врши доделувањето на бодовите и изборот на најповолна понуда.  На објавениот јавен повик се пријавил еден единствен правен субјект и тоа Здружение Дирекција за култура и уметност од Скопје, при што на ден 19.12.2019 година Комисијата за избор на коорганизатор кој ќе ја организира избраната предлог-програма на активностите за „Дочек на Новата 2020 година“ согласно со Записник од одржан состанок на комисијата, утврдено е дека апликантот Здружение Дирекција за култура и уметност од Скопје ги исполнува условите предвидени во конкурсот, при што во записникот не е извршено поединечно бодување, односно не е нотирано за кој критериум колку бодови се доделуваат, туку бодовите се доделени збирно за критериумите од двата дела и од можните 60 бодови определени за критериумот – квалитет на проектот, на учесникот му се доделени 50 бода при што не може да се утврди по колку бодови за секоја ставка од овој критериум се доделени – информираше на денешната прес-конференција Данијел Апостолоски, советник за односи со јавност во Град Скопје.

Според Апостолоски, во понатамошната постапка Арсов како в.д. директор на ЈУ МКЦ на ден 20.12.2019 година склучил договор со Здружението Дирекција за култура и уметност Скопје, со што постапил спротивно на Законот за јавни набавки и овозможил настанот да се организира надвор од пропишаната законска регулатива.

– Посочуваме дека токму во врска со оваа постапка од Државната комисија за спречување на корупцијата побарано е од Град Скопје да се изврши ревизија во однос на спроведувањето на одредбите од договорот склучен помеѓу Град Скопје и МКЦ, со оглед дека ДКСК постапувала по пријава и оформила предмет за испитување на сите наводи. По испитувањето на сите наводи и прибавени информации од ДКСК од многубројни институции, како што се Бирото за јавни набавки, Управа за јавни приходи, и сл., констатира дека поранешниот в.д. директорот на ЈУ МКЦ, Русе Арсов, не ги применил одредбите од Законот за јавни набавки при објавување на Јавен повик за избор на коорганизатор на активностите за „Дочек на Новата 2020 година“, и ја злоупотребил својата службена положба, заради што и поднесовме кривична пријава за утврдување на негова кривична одговорност – додаде Апостолоски.