На Меѓународниот аеродром Скопје денеска пристигна група од 67 граѓани на Авганистан, кои се вработени во организациите Национален демократски институт и Националната фондација за демократија, како и членови на нивните семејства, јавува Радио Слободна Европа.

„Продолжувајќи ја својата активна улога на солидарна земја, Северна Македонија им обезбеди привремен престој до заминување во трета држава. Ова е дел од меѓународната операција за помош на демократското авганистанско население кое е во опасност од талибанските власти“, соопшти владината прес-служба.

Цивилите, според соопштението, ќе бидат привремено сместени во Скопје, а трошоците во целост се покриени од меѓународните организации.

Во Северна Македонија во моментов престојуваат 579 авганистански граѓани на кои институциите им ја пружаат потребната поддршка и помош. Од земјава до сега заминаа 141 цивил на кои траен престој им обезбедија повеќе држави низ светот.