Франција ќе продолжи да ја поддржува евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан. Државниот секретар во француското МНР, Клемент Бене, најави дека еден од приоритетите на претседателството во Унијата ќе биде и проширувањето со земјите од регионов.
„Ние ќе продолжиме со поддршка на Албанија и Северна Македонија на евроинтегративниот пат. Даваме поддршка и за разговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија кои продолжија последниве неколку денови, во однос на напредување во процесот“, изјави Клемент Бене – државен секретар во МНР на Франција.
Францускиот амбасадор во земјава, Сирил Бомгартнер оценува дека со новата бугарска Влада има охрабрувачки сигнали, а неговата земја стои на располагање доколку има потреба. Тој додава дека има дијалог меѓу Скопје и Софија и засега не е потребно посредништво или вмешување на трета страна. Евроамбасадорот Дејвид Гир пак, повтори дека Брисел посакува започнување преговори што е можно поскоро.
„Она што треба сега да го направиме е следното: политичката волја и политичкиот капацитет да постои во двете засегнати земји и мислам дека тој услов денеска е исполнет. Сега треба таа соработка да се воспостави и тука ние сме да ги придружуваме во напорите, како Европејци“, рече Сирил Бомгартнер – амбасадор на Франција.
„Ги охрабруваме двете земји да продолжат да бидат обврзани, да прават напори, за на крај да се решат отворените прашања меѓу двете земји и тоа охрабрување го гледаме и низ посетата на премиерот Петков набрзо овде“, нагласи Дејвид Гир – шеф на Мисијата на ЕУ.
Бугарскиот премиер ја потврди посетата на земјава во вторник на се очекува да се слушнат неговите ставови во однос на разговорите меѓу двете земји.