Тоа што го видовме денес од изјавата на досегашниот вицепремиер, Никола Димитров, јасно покажува дека СДСМ и Владата имаат јасна намера да направат национално предавство во однос на Бугарија, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
Потсетување, Димитров на денешната прес-конференција кажа дека нема доверба во министерот Бујар Османи, бидејќи тој сака спорот со Бугарија да се реши по секоја цена.
„Јас сум навистина загрижен, ние подолг временски период сугерираме дека се води капитулантска политика во однос на Бугарија. Мислам дека ставот на Македонија е јасен и е усогласен во Собранието и изгласан од сите пратеници со заедничката декларација што ВМРО-ДПМНЕ ја предложи, а сите пратеници вклучувајќи ги и пратениците од СДСМ и ДУИ ја гласаа“, рече Николоски.
Тој посочи дека постојат големи сомнежи власта да не ја почитува Резолуцијата од причина што едно од барањата е секаков договор или било какви заклучоци кои се во поглед меѓу односите на Македонија и Бугарија, да дојде на разгледување во Собранието, а, како што кажа, Владата бега од таков дијалог.
„Гледаме дека Владата тивко ретерира од таа работа, а исто така гледаме сервилност. На пример Слави Трифунов целосно го навредуваше македонскиот народ, јас побарав да има реакција од МНР тоа не се случи, а тоа е човек чија партија е втора партија во рамки на бугарската влада“, потенцира потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.