Немам никаква врска со Беса Транс од Прешево, не сум сопственик на други фирми и воопшто не организирам тури за Истамбул – тврди за Телма сопственикот на Беса Транс од Скопје, Беким Хаџиу, агенцијата во чиј автобус пред месец и половина во Бугарија животот го загубија 45 македонски граѓани.

Тој е под истрага од бугарските истражни органи, а откако се појави  само на бугарските медиуми, сега за прв пат дава изјава за македонски медиум. Вели дал исказ и во нашето обвинителство, кое пак испитува дали има вина кај нашите институции, бидејќи автобусот на „Беса транс“ 120 пати минал граница, но со лажни документи.

Она што е симптоматично, како што објави Телма, се појави агенција БЕСА Транс Прешево, која има исто лого со туристичката агенција од Скопје и која организира тури до Турција.