Бугарскиот премиер Петков, најавува дека датумот на неговата прва посета на Северна Македонија најверојатно ќе биде 18 јануари. Во интервју за ТВ Блумберг, Петков вели дека со Ковачевски сакаат да создадат сосема поинаква рамка за разговорите.
Посочува дека досега главниот фокус беше на историската дебата, но оти смета дека е поважно сите дискусии да се стават на победничка основа за сите. Затоа, како што вели, отвораме пет нови групи – за инфраструктура, економија, културни размени, влез во ЕУ и историја. Наведува дека сака овие групи да работат исклучително ефикасно во следните шест месеци и да постигнат реални резултати.
Запрашан за историјата што останува проблем меѓу двете земји, дури и ако сите други работни групи постигнат одреден напредок, Петков рече дека верува оти луѓето би биле многу понаклонети да бидат поотворени кога ќе се соочат со сите позитивни страни на добрососедството, а такви ги има многу. Досега, вели, не се зборуваше за нив, туку само за проблемите, а кога станува збор за проблемите, сите се држат до своите позиции и нема напредок.
Тој кажа дека има многу густ распоред на овие меѓувладини и деловни средби, како и културни групи од двете страни со многу јасни цели. Според тоа како се постигнува напредок по сите прашања, Петков очекува да се одреди конечниот датум за прием на Република Северна Македонија.
Шефицата на кабинетот на бугарскиот премиер Петков, Лена Бориславова, по вчерашната владина седница, информираше дека Бугарија е спремна да пружи рака за започнување на конструктивен дијалог со Република Севена Македонија. Бориславова, воедно, посочува и дека бугарската позиција ќе продолжи добро да се брани и аргументира, а постојната рамка ќе се надградува со формирање на пет работни групи кои ќе разговараат на конкретни теми.