Во очекување на формирањето на новиот владин кабинет и на интензивирање на комуникацијата со Бугарија со цел деблокирање на европскиот пат на земјава, Париз упати порака дека Скопје и Тирана не треба да се одвојуваат на нивниот пат кон интеграцијата во ЕУ, додека од Софија, каде не стивнуваат реакциите по „предлогот“ на лидерот на партијата Има таков народ (ИТН), Слави Трифонов за врзување на стартот на преговорите на Северна Македонија со Унијата со укинување на визите за влез на бугарските граѓани во САД и прием на Бугарија во Шенген зоната, стигна информација дека советничката за надворешна политика на бугарскиот премиер Кирил Петков, Весела Чернева на 2 јануари го посетила Скопје.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, повикувајќи се на извори во Владата на Бугарија, Чернева била во Скопје по наредба на бугарскиот премиер Петков, со цел да се подготви неговата претстојна посета на Скопје во текот на овој месец.

Посетата на Петков се очекува по изборот на новата Влада во земјава, што според најавите би требало да се случи најдоцна до средината на овој месец, и по заседанието на Консултативниот совет за национална безбедност на Бугарија, што бугарскиот претседател Румен Радев го свика за 10 јануари посветено на „темата за Република Северна Македонија“.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи во понеделникот најави дека земјава очекува конструктивни разговори со новата бугарска Влада и брзо деблокирање на евроинтегративниот процес. – Важно е да се врати довербата и да се разговара за суштинските прашања кои се на маса, порача Османи, нагласувајќи дека проширувањето на ЕУ не е само од интерес за земјава, туку и стратешко геополитичко прашање за Унијата.

Тој најави и конкретизирање на комуникацијата со Франција, како актуелен претседавач со Унијата, по формирањето на новата Влада во земјава.

– Веќе имам воспоставена комуникација и барање за посета и средба со највисоките француски власти… По формирањето на новата влада овде кај нас, односно во втората половина на јануари, ќе треба официјално да се воспостави таа комуникација, којашто и сега меѓувреме постои, за да се утврдат француските планови и позиции по однос на нивниот ангажман во овој процес, изјави Османи.

Во приоритетите за време на француското претседавање со ЕУ во првите шест месеци од годинава, не се наведени децидни ставови во насока на проширувањето на Унијата, што се врзува со предизборниот период во Франција во пресрет на претседателските избори во април и парламентарните во јуни, но сепак не се исклучува напредок по ова прашање имајќи предвид дека и самиот француски претседател Емануел Макрон минатиот месец порача дека не можно градење на „Европа на мирот во следните 50 години, ако Западниот Балкан биде оставен онака како што е денес“ и најави конференција за регионот во јуни годинава.