Во следните месеци Бугарија ќе ја тргне блокадата за почеток на преговори за членство на земјава во ЕУ, уверен е специјалниот претставник на Владата во спорот со Бугарија – Владо Бучковски.

„Во 2021 година цели 8 месеци Бугарија немаше редовна влада. Во земјата имаше три пати парламентарни и еднаш претседателски избори. Тоа сериозно влијаеше врз нашите напори да изнајдеме заемно прифатливо решение и да биде отстранета блокадата на нашиот пат за ЕУ“, изјави Бучковски за бугарската БГНЕС. Сепак, оценува Бучковски, и покрај „сите тие непредвидливи околности“, постигнат е напредок во градењето на довербата меѓу двете земји. „Временската рамка за овие работни групи, кои ќе бидат исполнети со интензивни состаноци, може да се скрати. Во тоа сум убеден, но ситуацијата ќе биде појасна по средбата на новиот македонски премиер Димитар Ковачевски со неговиот бугарски колега Кирил Петков, која е закажана за средината на јануари“, вели Бучковски.
„Во 2022 година очекувам да постигнеме заемно прифатливо решение со Бугарија. Решение кое ќе биде базирано на заемно почитување и ќе биде издржано. Бугарската блокада ќе биде крената. Започнувањето на преговори со ЕУ најпосле ќе биде реалност“, вели Бучковски.

Тој ја коментираше и изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, според кого новиот бугарски премиер Кирил Петков не е храбар политичар. Бучковски не се согласува: „Не ја прифаќам позицијата на Мицкоски. Петков зборува за заемно прифатливо решение, а не за наложено решение. Петков вели дека треба да се почитуваат и македонските црвени линии“, коментира специјалниот претставник на Владата во спорот со Бугарија.