Во 2021 година имавме шест проценти повеќе реализација и зголемување на капиталните инвестиции во однос на 2020 година, но и реализација на многу проекти од кои дел беа закочени, дел беа започнати во претходните години, и дел беа во тек на реализација, а дел ги започнавме бидејќи беа предвидени со Годишната програма. Вкупниот износ на реализирани инвестиции во 2021 година е 7.334.000.000 милијарди денари што е повеќе за 400 милиони денари од претходната година, вели во интервју за МИА Ејуп Рустеми, директор на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).

Еден таков процес кој кој што го откочивме и ги надминавме претходно наталожените проблеми, посочува, беше изградбата на експресниот пат Градско–Прилеп, кој е еден од најзначајните патни правци во државата, каде што дневно поминуваат и над 6 илјади возила од сите категории и каде што проблемите со неговата изградба се веќе зад нас и по преземањето на еден дел од Штрабаг и другиот од Синохидро и се започна со интензивна работа.

-И првиот дел од автопатот Скопје-Блаце започна интензивно да се гради, а започнавме и активности во насока на подобро инфрастурктурно поврзување на Југозападниот плански регион на Република Северна Македонија со Република Албанија. Па така, распишавме тендер за јавна набавка за избор на најдобра понуда за изградба на регионален пат Р2246 делница, Извор (спој со А2) – Гарски Мост, во должина од 19 километри и во вредност од 23,74 милиони евра (со ДДВ), средства обезбедени од Буџетот на Јавно претпријатие за државни патишта. Веќе е избран Изведувач на работите кој е воведен во работа на 01.11.2021 година, со рок за изградба од 24 месеци. Патот е проектиран и ќе се гради на ниво на регионален и оваа делница ќе овозможи подобри услови за одвивање на сообраќајот, што значи безбедно, побрзо и непречено одвивање на сообраќајот во Југозападниот плански регион при што ќе се поврзат и ќе се скрати времето на патување помеѓу градовите Кичево и Дебар, истакнува Рустеми. Се очекува тој проект да биде реализиран до крајот на 2023 година.

-Исто така, преземаме подготвителни дејствија за нови капитални инвестиции за оваа година како што се подготовките на тендерска документација за изградбата на автопатот Кичево-Букојчани во должина од 10 километри, изградбата на втората фаза од автопатот Скопје-Блаце во должина од 10 километри, кои се очекува да отпочнат во првото полугодие од оваа година, и посебно проектите поврзани со Договорот со Бехтел и Енка со кој очекуваме да се изградат автопатишта во должина од над 120 километри. Сето ова ветува дека и оваа година ќе имаме добра реализација на капитални инвестиции, вели Рустеми во интервјуто за МИА.

Автопатската делница Кичево-Охрид, посочува, е веќе неколкугодишна „сага“ која ја наследив и искрено се надевам овој пат ќе заврши во новопредвидениот рок – 31.12.2023 година. -Најголемиот дел од проблемите коишто беа од административен карактер ги надминавме во 2021 година, и годинава очекуваме зголемен интензитет на работа. Сега е зимска сезона кога работите поради временските услови подзастануваат, но со доаѓањето на пролетта ќе се започне позасилено темпо на работа за да се запазат овие нови предвидени рокови, најавува тој.

Рустеми ја коментира и изградбата на автопатот Скопје Блаце, проект што се изведува во две фази, а во однос на тоа кога ќе се скрати времето за патување од Скопје до Софија тој вели дека во тој дел на државата се почнати неколку значајни проекти како што е рехабилитацијата на магистралниот пат Куманово-Страцин кој е од витално значење не само за регионот, туку и за целата држава.

Тој дополнува дека минатата година беше рехабилитиран и реконструиран патот од Ранковце до Крива Паланка во должина од 21 километар и како што посочува, со отпочнатите други рехабилитации, санации и изградби во овој регион сакаме да добиеме комплетен Коридор 8 кој ќе биде безбеден и сигурен за учесниците во сообраќајот.

Интервјуто со Ејуп Рустеми, директор на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) целосно ќе биде објавено утре.