Првиот случај на сојот омикрон на вирусот SarsCoV2 во земјава е детектиран во петокот кај маж кој допатувал од Велика Британија.
Надлежните здравствени власти најавија дека за време на празниците не се предвидуваат нови дополнителни мерки во земјава, а вакцинацијата останува единствен излез од пандемијата.
Министерот Венко Филипче за Канал 5 рече дека ќе нема карантин за другите патници во авионот и дека нема потреба од рестриктивни мерки во нашата земја.
Тоа се лица кои што носат маски, кои што според барања на одредени авионски компании дури се и Н95 маски, така да во смисла на тоа, еден сериозен процент на населението е вакциниран, така што такви потврди за вакцинација се бараат за влез во земјата. Во таа смисла овој, патник – пациент е засега со многу лесна клиничка слика, се наоѓа во домашни услови, вели Филипче.
Според него нема потреба од воведување на нови мерки.
Сметам дека сите овие мерки кои што се на сила сега кај нас се сосема доволни и не треба да се зголемува степенот на рестрикција во било која смисла, како во однос на тоа што се бара за влез во земјата, така во однос на се што важи за масовните собири, без разлика дали се тоа затворени објекти или некои настани или во угостителските објекти, вели Филипче.
Досега во земјата се направени вкупно 1.574.100 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 223.211, бројот на оздравени пациенти е 210.475, на починати е 7.904.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.