Самка Ибраимоски, лидер на партијата ПЦЕР се огласи на социјалните мрежи и порача дека не заминува од коалицијата со СДСМ, само се повлекува од заменик директор на Македонија Пат.

-Гледам многу коментари и навреди кон мојата најава за заминување од заменичкото место во Македонија Пат. Јас останувам во коалиција, но не на оваа функција. Чекаме разговор со новиот мандатар Ковачевски,  не го напуштаме бродот како што коментирате. Навреди не се потребни и не личи на вас поединци. Уште еднаш да потенцирам дека ние остануваме во коалиција, напиша Ибраимоски.

Претходно во текот на денот на состанок во Тетово, Самка Ибраимоски најави дека поднесува оставка.

– Утре ќе ја депонирам мојата оставка од причини што не се исполнети ветувањата кои требаа да се исполнат кон нашата политичка партија. Втората одлука е сите едногласно по барање на повеќе ромски политички партии утре да имаме лидерска средба со сите ромски партии – да се донесе ромска платформа каде што ќе настапуваме заеднички на следните парламентарни избори. И тоа беше усвоено едногласно. Трета работа остануваме во коалиција со СДСМ се до средбата со новиот мандатар Ковачевски, да видиме кои се неговите мислења во делот на нашата коалиција, односно дали ќе има парче колач од она што е ветено да се даде на ПЦЕР, истакна Ибраимовски по состанокот одржан во Тетово.

Според Ибраимовски, ПЦЕР како една од најстарите коалициски партнери на СДСМ од осамостојувањето на земјата, сега од новиот мандатар Ковачевски ќе бара поинакво учеството во институциите.