Три македонски картели го држат црниот пазар со шверц на дрога, вели поранешниот полициски началник Љубомир Ѓурчески, пренесува Радио Слободна Европа.
Тој не е задоволен од битката на МВР против трговијата со дрога, затоа што и полициски службеници стана дел од нелегалниот бизнис тежок стотици милиони евра.

Стотици милиони евра тежи нелегалниот бизнис со дрога која минува низ Северна Македонија како транзитна земја од балканската шверцерска рута. Само во полициските акции од овој месец запленетите се неколку стотини килограми дрога која била дел од меѓународни канали за шверц на дрога.

Поранешниот полициски началник Љубомир Ѓурчески вели дека низ земјава минуваат неколку меѓународни канали за шверц со дрога. Од македонските криминални групи кои се дел од меѓународниот транзит на шверц на дрога активни се три банди.

„Во Македонија на ниво на држава ни се појавува и еден трет канал, тоа е оној македонскиот канал струмичко – битолската линија која зазема доминантно место во недозволената трговија со марихуаната. Додека делот со кокаинот и хероинот го делат арачиновско- чаирската група и групата Сарај- Грчец, значи ја делат и државата по тие основи, на зони на интерес, па често пати знае да дојде до меѓусебни судири со оружје, кога има нарушување на тие хиерарски непишани договори меѓу мафијашките групи, затоа што истите тие канали дел контролираат и од европските пазари, штитејќи го балканскиот канал кој минува низ Македонија. Особено групата од Грчец која според сите мои сознанија од терен е доминантна“, вели Ѓурчески.

Македонската марихуана барана на пазарите

Канабис од Африка преку Македонија до пазарот во ЕУ
Според него, шверцот на дрога се дели на два дела, првиот е по профитабилен и се однесува на нелегален бизнис со кокаин и хероин кој минува низ балканската маршрута од Авганистан преку Турција низ Балканот до Западните европски земји. Вториот, пак е нелегалниот бизнис со марихуана кој носи помали профити од шверцот на кокаин и хероин.

„Тие се интерни канали на релација Македонија, Албанија и Косово, и тоа се криминални групи кои меѓу себе поставиле и хиерархиски однос и добра соработка и со оглед дека целата таа дрога преку Грција завршува на пазарите во Западна Европа, претежно во Германија, Холандија и Белгија. Мора да се има в предвид дека македонското производство на марихуана е едно од најквалитетните и затоа е таа така барана на пазарите“, вели Ѓурчевски.

Целиот напис прочитајте го овде.