Втората база на податоци за платите, работните места и личните податоци на граѓаните во државен и приватен сектор, сега за месец април со објавата и на нивните телефонски броеви, дополнително го продлабочува скандалот со протекување во јавноста на информации од личен карактер на граѓаните.

Во податоци за април 2021 година, што се совпаѓа со парламентарните избори, има втора страница, каде што се наведени име, презиме, татково име, датум на раѓање и телефонски број на околу 900 илјади граѓани.

-На овој список се забележува дека најголема исплата на име месечна плата имало во Државната разузнавачка служба(ШИШ) каде е исплатена плата во износ од околу 590 илјади евра. Раководни лица на банки и нафтени компании имаат високи примања кои се движат и до 90 илјади евра месечно, пренесува Ора њуз.

Но, според истиот извор, она што е најзагрижувачки е скандалот со откривање на идентитетот на разузнавачите или други агенти чија работа е неопходно да се чува во тајност за да не се загрози нивната безбедност.

Според објавениот список во април, споредено со претходно објавениот за јануари, бројот на вработени се зголемил за 60 илјади.

-Она што дополнително ги револтира граѓаните, за начинот како се трошат нивните пари, е податокот дека градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, за 20 советници, месечно исплаќал 18 илјади евра односно околу 200 илјади евра на годишно ниво, заклучува Ора њуз.