Четиринаесетгодишна тинејџерка од е убиена во кабина за пресоблекување во продавница во Лос Анџелес кога полицијата пукала во осомничен напаѓач, соопштуваат тамошните власти, а пренесува српската Н1. Несреќата се случила кога куршумот кој бил испукан кон напаѓачот го пробил ѕидот на кабината за пресоблекување и ја усмртил тинејџерката.
Полицијата го убила и напаѓачот, кој според изјавите на сведоците нападнал жена со синџир за заклучување велосипед и се заканувал дека ќе ги фрли работите од катот на продавницата во преполниот трговски центар.
Полицајците дошле во продавницата и пукале кон напаѓачот кој веднаш починал, но еден од куршумите ги пробил гипсените ѕидови кои биле зад мажот и ја усмртил тинејџерката која била во кабината за пресоблекување со својата мајка, соопштува полицијата.
Обвинителите сè уште немаат утврдено дали девојчето било во кабината пред да започне насилството или влегла во кабината за да се сокрие, рече шефот на локалната полиција Мишел Мур, а пренесува Н1.
„Овој хаотичен инцидент кој резултираше со смрт на невино дете е трагичен и поразителен за сите што се вмешани во случајот“, рече Мур и вети темелна и транспарентна истрага.