Општина Маврово и Ростуше пред повеќе од два месецa издаде решение за отстранување на деветте нелегално изградени викенд куќи, за да во меѓувреме, владината комисија донесе одлука да не се рушат истите, посочуваат во соопштение од политичката партија Левица.

„Информациите кои пристигнаа до нас укажуваат дека сопственикот на компанијата ‘Радика Ресорт’ од Косово, Шериф Рамука и фирмата која ги гради објектите се во блиски односи со владејачката ДУИ. Имено, газдата на фирмата кој гради бил и висок функционер од редовите на ДУИ во Гостивар“, посочуваат од Левица.

Од партијата нагласуваат и дека нивниот локален огранок од Гостивар веќе со месеци има информации дека вработените во „Радика Ресорт” нередовно примаат плата.

„Вработените своите месечни примања знаат да ги добијат дури и по три месеци доцнење, често пати истите остануваат и без здравствено осигурување. Надлежните институции се глуви на нивните жалби и барања. Ваквото грубо кршење на законите во заштита на градежната мафија е олицетворение на владеењето на криминалната коалиција СДС-ДУИ, кои единствено ги штитат бизнис – интересите на своите соработници“, велат од Левица и обвинуваат дека власта работи исклучиво за интересите на олигарсите, а спротивно на интересите на обичните граѓани.

Извор: Темите