Откако излезе информацијата во јавност дека тројцата портпароли на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, Наум Стоилковски и Марија Митева се предложени за членови на Управни одбори на јавни претпријатија на Град Скопје и откако ова наиде на критики, тие преку социјалните мрежи порачаа дека ќе побараат нивните имиња да бидат изземени од предлозите.

 

-Гледајќи ја целата оваа паника, страв и оцрнување на моето име на социјалните мрежи од партиските апаратчици и оние поддржувачи, а дел и креатори на криминал и корупција во институциите, сакам јавно да известам дека барам да бидам отстранет од предлог-листата за член на УО, од едноставна причина, што нема да дозволам стравот и паниката на СДСМ да се насочи кон навреди и оцрнување на моето име и семејство, но и ВМРО-ДПМНЕ, чии кадри работат чесно и искрено откако се на функциите, порача Димче Арсовски.

-Иако го имам сиот потребен кредибилитет да бидам дел од УО на ЈСП, верувам во принципи, за разлика од партиските членови на СДСМ. Нема трговија со принципи ниту со претпријатија. Тие принципи не постојат во СДСМ, затоа што на пример истата прашина како за мене (нас), очекувано би ја кренале и за портпаролот на Алтернатива којшто го поставија за директор на МЕПСО во време на најголема енергетска криза.

Во име на тие принципи и во име на таа разлика, донесов одлука да се заблагодарам за довербата и честа да бидам предложен за Член на УО на ЈСП и да побарам да бидам исклучен од листата, напиша Наум Стоилковски на Фејсбук.

– СДСМ ги гледа функциите во државава како начин за печалење пари, за криминал, јас пак бев силно уверена дека ќе го извадам криминалот на ЈП Водовод на виделина, ќе и образложев на јавноста како се склучувале договори за изградба на водоводна мрежа на Варшавска и.т.н … но ќе дадев и свој личен пример како со домаќинско работење се доаѓа до успех. Но, нема да им го пружам задоволството на СДСМ да си држат пресови со намера да фрлат црна дамка на мене, затоа се заблагодарувам на довербата, но барам предлогот за мене да биде повлечен. А кој и да биде член на управниот одбор јавно го повикувам да ми ги каже криминалите, па јас ќе продолжам на прес, порача Марија Митева.