Рускиот претседател Владимир Путин го опиша распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година како пропаст на „историска Русија“, коментар што може да ги поттикне шпекулациите за неговите надворешнополитички намери.

Руското трупање војници на границата со Украина го зголемува стравувањата дека Москва планира голема офанзива против соседната поранешна советска република.

„Тоа беше распаѓање на историска Русија под името Советски Сојуз“, рече Путин, зборувајќи во документарниот филм „Русија, понова историја“ што вчера беше емитуван на државната телевизија.

Путин, кој е поранешен агент на КГБ, и претходно оценуваше дека распадот на СССР е „најголемата геополитичка катастрофа на 20 век“. Неговата изјава во документарецот покажува дека тој смета дека распадот на СССР ја уништи руската моќ.

Изјавата се емитува во време кога руските односи со западот се сериозно затегнати.

Москва во 2014 година нелегално го анектираше Кримскиот Полуостров од Украина и почна да ги поддржува сепаратистите во источна Украина во конфликтот во кој досега загинаа над 13200 луѓе.

Дополнително, Западот ја обвинува Русија дека трупа војници на границата во Украина како можна увертира за голема инвазија веќе од следниот месец. Г7 ја предупреди Москва дека ќе се соочи со тешки последици ако ја нападне Украина.

Руските власти, пак, тврдат дека имаат право да ги разместуваат своите сили каде сакаат низ земјата и негираат дека планираат каков било напад. Москва го обвини Киев за провокација, а НАТО дека сака да се прошири на исток.