Претседателите на РС Македонија и Бугарија Стево Пендаровски и Румен Радев изразија најдлабоко сочувство до семејствата на загинатите и повредените во сообраќајната несреќа што се случи ноќеска во Бугарија.

Во овие тешки мигови, изразувам најдлабоко сочувство до семејствата и блиските на сите лица и наши сограѓани кои ги изгубија своите животи и беа повредени во стравичната сообраќајна несреќа која се случи на територијата на соседна Бугарија, напиша Пендаровски на својот фејсбук профил.

Тој очекува надлежните да спроведат целосна истрага, да се утврдат причините и одговорноста за трагедијата, која, како што наведува, не се памти во нашата понова историја.

Во деновите на жалост што следуваат, посакувам мирен покој на душите на починатите и побрзо закрепнување на повредените, пишува Пендаровски.

Радев изрази сочувство до Пендаровски за настраданите во несреќата во Бугарија

Бугарскиот претседател Румен Радев изрази сочувство до претседателот Стево Пендаровски за тешката сообраќајна несреќа на автопатот Струма, во која автобус со македонски таблици доживеа сообраќајна несреќа при што загинаа 46 лица.

Во име на бугарскиот народ и во свое име, претседателот Румен Радев изрази искрено сочувство до семејствата и роднините на загинатите граѓани на Република Северна Македонија, како и надеж за брзо закрепнување на жртвите од катастрофата. Во ова тешко време, Бугарија и Република Северна Македонија делат заедничка тага, солидарност и емпатија. Десетиците изгубени животи се непростлива загуба за нашите братски земји, наведува Румен Радев.

Шефот на бугарската држава ги повика одговорните институции да ги утврдат причините кои довеле до тешката сообраќајна несреќа, како и да им дадат навремена поддршка на преживеаните во несреќата.