Излезноста на предвремените избори за градоначалник на општина Брвеница до 9 часот изнесува 2,46 отсто, односно своето право на глас го оствариле 400 граѓани, информираше портпаролката на Државната изборна комисија (ДИК), Радица Тодоровска Алексовска.

„Излезноста на гласачите е 2,46 отсто, или вкупниот број на граѓани кои го оствариле своето право на глас во овој период е 400 гласачи“, изјави Тодоровска Алексовска.

На предвремените избори право на глас имаат вкупно 16.256 гласачи, кои гласаат на 24 избирачки места во општината.

Гласањето започнало утрово во 7 часот и, според информациите на ДИК, засега се одвива непречено, без најави за евентуални проблеми.

Во споредба со првиот круг од локалните избори во 2025 година, излезноста е намалена за 2,87 процентни поени. Тогаш до 9 часот гласале 860 избирачи, односно 5,33 отсто од вкупно запишаните 16.156 гласачи.

„Во првиот круг на локалните избори во 2025 година, излезноста е намалена за 2,87 отсто. Тогаш до 9 часот гласале 860 гласачи, или 5,33 отсто од вкупно запишаните 16.156 гласачи за тие избори“, посочи портпаролката на ДИК.

Од ДИК информираат дека за граѓаните кои имаат право на глас во Брвеница е достапна бесплатната телефонска линија 0800 555 44, на која можат да добијат информации поврзани со остварувањето на избирачкото право.

За лицата со оштетен слух е достапен и телефонскиот број 076 488 360, преку кој со видео повик можат да добијат информации на знаковен јазик.

ДИК најави дека во текот на денот редовно ќе ја информира јавноста за текот на гласањето и излезноста преку прес-конференции и соопштенија.

[embedded co te t]