Денеска беше конституиран Советот на Град Скопје кој брои вкупно 45 членови. По верификацијата на мандатите на советниците, се изврши избор на претседавач. Трајко Славевски од ВМРО-ДПМНЕ, кој беше единственото предложено име, доби 26 гласа. За него, освен советниците од ВМРО-ДПМНЕ, гласаа и Левица, Алијанса за Албанците-Алтернатива и двајца советници од коалицијата ЛДП-ДОМ. Славевски апелираше до советниците да се фокусираат на локалните предизвици, а големата политика да ѝ ја остават на централната власт.

ДОМ и Левица појаснија дека гласањето за изборот на Славевски не значи коалиција во иднина, туку едноставно поддршка за фигурата на екс-министерот за финансии во првата Влада на Груевски.

А, дека следните седници на Советот ќе имаат многу дебати се забележа и денеска со изборот на претседавачот. По гласањете, советничката од СДСМ Љубица Јанчева побара сите членови да бидат повикани со име и презиме за да биде јасно кој гласа за или против. Во овој совет мнозинството го има ВМРО-ДПМНЕ.

Еден од проектите што се очекува да предизвика поголема дебата меѓу членовите на Советот е предизборното ветување на градоначалничката Данела Арсовска за бесплатен јавен превоз во Скопје. Некои од советниците уште денеска беа скептични за ова ветување, а други отворено сметаат дека е невозможно да се обезбеди бесплатен јавен превоз за сите граѓани.