Претседателот на движењето Беса Биљал Касами денеска пред Собранието изрази сомнеж дека пратеникот Кастриот Реџепи од неговата партија се држи некаде со сила за да не може да дојде во Собранието и да гласа за соборување на владата.

„Сè додека тој не излезе да каже дека овој став е негов и тоа е доброволно, без присила, јас како човек и како претседател на Беса имам право да се сомневам дека тој, против своја волја, се држи некаде и не може да дојде во Собрание и да излезе пред јавноста да каже дека тоа е негов доброволен став“, рече Касами.

Тој вели дека движењето Беса останува на ставот за „пад на овој режим“. Според него, Реџепи до вчера бил на истите позиции со партијата, а денеска не знае каде се наоѓа.

На прашањето дали преговараат со други пратеници за обезбедување мнозинство за соборување на владата, Касами рече дека во моментов за нив „е многу важно здравјето на пратеникот“ и да искомуницираат со него.