Форумите на СДСМ ќе заседаваат вечерва, првпат по локалните избори и по најавената оставка на Зоран Заев од лидерската позиција.

Заев реши да свика седници на Извршниот и на Централниот одбор на СДСМ, два дена пред седницата на Собранието на која неговата влада ќе биде ставена на тест на доверба, по иницијатива на опозицискиот блок, кој е засилен со Беса.

Иако од СДСМ соопштија дека со оставката на Заев на партиската функција во оставка е целото раководство на досега владејачката партија, тој сѐ уште не ја официјализирал оставката.

Партиски извори велат дека оставката, која беше најавена ноќта на 31 октомври – по вториот изборен круг, ќе се смета за поднесена кога Заев за тоа ќе го извести Централниот одбор, по што би почнал да тече рокот од 15 дена за распишување вонредни внатрепартиски избори за нов лидер и за одредување датум за нивно одржување.