„Сакам да ви кажам дека изборите во Брвеница се и порака за тоа во каква држава сакате да живееме. Онаа полна со навреди, криминал, подметнувања и свиткана кичма каква ја сакаат нашите противници, или Македонија во која ќе се бориме за секој човек, исправени и горди и достоинствени“, рече Христијан Мицкоски, премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ на денешниот завршен митинг во општина Брвеница.

Мицкоски посочи дека Брвеница има реални потреби за подобрување на инфраструктурата, за создавање подобри услови за локалната економија, за поддршка на земјоделците, за почиста животна средина и за подобри јавни услуги.

„Но, пред сè, има потреба од институции што ќе бидат праведни и достапни. Брвеница ја има поддршката од Владата и со Стојанчо Радичевски, нашиот Цоки, ќе соработуваме за силна општина која ќе биде достапна за сите“, посочи Мицкоски.

Додаде дека како претседател на Владата е свесен дека очекувањата на граѓаните се големи и дека ниту еден економски показател не значи доволно, ако неговото подобрување не се почувствува во семејниот буџет.

„Можеме да зборуваме за раст на бруто-домашниот производ, за инвестиции, за нови работни места, за инфраструктура и за економски развој, но вистинската вредност на секој таков резултат се гледа во тоа дали едно семејство живее посигурно, дали млад човек добил достоинствена и добро платена работа и дали пензионерот може подостоинствено да ги помине своите години“, потенцираше Мицкоски.

Економскиот развој, додаде Мицкоски, не е само бројка во статистички извештај, туку процес кој треба да создава реални можности и затоа Владата мора постојано да биде изложена на проверка.

„Владата мора постојано да биде подложна на проверка, на критика и на барање одговорност и тука сакам да бидам јасен, не барам никој да верува во големи зборови без докази, ниту да прифаќа ветувања без резултати. Напротив, барам институциите да бидат оценувани според нивната работа, а политичарите според исполнувањето на преземените обврски. На Македонија не ѝ се потребни политички пресметки во кои најважно е кој кого ќе навреди, туку сериозна дебата за економијата, здравството, образованието, правдата, инфраструктурата и кој посилно ќе ги штити националните интереси“, посочи, меѓу другото, претседателот Мицкоски.

Текстот Мицкоски: Изборите во Брвеница се порака за тоа каква држава сакаме е превземен од МАКФАКС.