Гласање за недоверба на Владата или констатирање на оставката на премиерот Зоран Заев. Извесно е дека во Парламентот едно од овие прашања ќе се најде на седница по ултиматумот кој го упати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Доколку Заев не ја поднесе оставката до законодавниот дом, опозициската партија најави дека денеска ќе побара интерпелација на Владата, а седницата треба да биде закажана најдоцна во четврток.

Според Деловникот на Собранието, седницата се одржува третиот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба на Владата,

„Рокот за седницата почнува да тече наредниот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба на Владата“, а „Собранието гласа за недоверба на Владата по истекот на третиот ден од денот на поставувањето на прашањето за доверба“, се наведува во Деловникот.

Ако на Владата и е изгласана недоверба, претседателот на Владата до Собранието поднесува оставка во рок од 24 часа од изгласувањето на недовербата. За изгласаната недоверба на Владата и за поднесената оставка, претседателот на Собранието веднаш го известува претседателот на Републиката.

Заев на 31 октомври поднесе оставка од функцијата премиер и лидер на СДСМ поради поразот на владејачката партија на локалните избори. Но, неговата оставка се уште не е стигната до Парламентот.