Прегласувањето во општина Желино уште повеќе ја разниша Владата. Движење Беса не се согласува со одлуката на ДИК за прегласување, обвинувајќи ја ДУИ дека манипулира со изборниот резултат. Беса ги собра партиските органи за да дискутираат дали и натаму ќе бидат дел од владата.

„Движење Беса денеска но и утре ќе ги продолжи внатрепартиските консултации за да донесе одлука како да се продолжи понатаму“, истакна Арјанит Хоџа.

И доколку Беса остане дел од Владата, Хоџа остро рече дека тој нема да биде министер во овој владин кабинет.

„Јас тргнувајќи од мојот личен интегритет, јас и да одлучи партијата да продолжи да биде на власт, јас нема да бидам министер во оваа влада и ова е изјава од која не планирам да се повлечам“, додава Арјанит Хоџа.

Таквата реакција на Хоџа лидерот на ДУИ, Али Ахмети ја нарече избрзана и емотивна а смета дека претставува притисок врз коалицијата.

„Не мислам дека ќе се случи такво нешто, бидејќи ништо не и помага на Беса доколку се повлече. Може да се искористи како еден вид притисок врз коалицијата, но коалицијата не се дефинира според такви изјави и притисоци. Пред се не е добро бидејќи се врши притисок врз институциите кои треба да го спроведат законот“, вели Али Ахмети.

Другиот владин партнер, Мендух Тачи изјави дека Владата и парламентарното мнозинство се стабилни бидејќи пратениците на Беса се пратеници на СДСМ.

„Мислам дека нема да има потреси во парламентарното мнозинство. Беса е малку иритирана од гласачкото место во Желино, пратениците на Беса се на СДСМ и формално и неформално“, порача Мендух Тачи.

Министерот на СДСМ, Бојан Маричиќ не мисли дека одлуката за прегласување во Желино ќе има политички последици врз Владата.

Движење Беса одлуката за прегласување на гласачкото место 27 01 ќе ја обжали во Управен суд. Во општина Желино, Движење Беса во вториот круг со кандидатот Блерим Сејдиу го победи кандидатот на ДУИ, Фатмир Изаири, со 69 гласа во корист Беса.