На граничните премини меѓу Македонија, Србија и Албанија и понатаму транспортерите чекаат и по 24 часа за да ја минат границата. Ова како што рекоа претседателот на Србија Александар Вучиќ, премиерот на Албанија Еди Рама и вицепремиерот Никола Димитров не смее да се случува бидејќи иницијативата „Отворен Балкан“ е токму за да се олесни движењето на луѓето, стоките и услугите.

„Целата бизнис заедница од трите земји кажа дека сто проценти ја поддржува оваа иницијатива, но она што ние лидерите сме го договориле не се остварува. На граничните премини и понатаму се чека. Оние кои извезуваат млеко од Србија или овошје и зеленчук од Македонија и понатаму чекаат 24 до 30 часа на границите. Фрустрира дека тоа што сме го договориле не се реализира и сега почнуваме да работиме тоа да се исправи. Ќе се работи секој ден, 24 часа на ден и во сабота и недела. Ова не го правиме за нас политичарите, туку за граѓаните“, рече Вучиќ.

Вицепремиерот Никола Димитров кажа дека ваквата иницијатива и соработка покажува и докажува дека овој регион не создава проблеми туку соработува.

„Оваа иницијатива ја изразува длабоката посветеност за унапредување на развојот на нашите земји и директни придобивки за граѓаните. Постои силна и јасна политичка волја, а од нашава средба денес очигледно е дека постои и прифаќање на оваа иницијатива од стопанските комори. Следните чекори треба да бидат насочени кон интензивирање на јавната дискусија за ‘Отворен Балка‘ и конкретизирање на оваа доверба на ниво на надлежните институции и испорачување на опипливи резултати во утврдена временска рамка“, кажа Димитров кој во Белград отпатува наместо премиерот Зоран Заев кој по поразот на локалните избори во неделата кажа дека дава оставка од премиер и лидер на СДСМ.