Пред два месеца беше тешко да се дојде на ред за вакцинација против ковид 19 во поликлиниката во Чаир.

Сега бројот на граѓани кои чекаат за имунизација е многу мал.

Лекарот Абдулхади Зендели и од овој вакцинален пункт вели дека интересот на граѓаните за примање прва доза во текот на последниот месец е видно намален. Ако во текот на летото се вакцинираа по 300 граѓани дневно, денеска до пладне со прва доза се вакцинирале само 30 лица.

„Денеска се пријавија само 30 лица за прва доза, со трета доза 40 лица и над 60 години со втора доза. Само во една смена имало околу над 300 лица само за прва доза, пред овој месец, а последниов месец има пад , интересот и натаму опаѓа во последниов период“, вели Абдулхади Зендели.

Додека бројот за вакцинација е видно опаднат, бројот на новозаразени на дневно ниво расте, вчера се регистрирани 593 нови случаи.

Министерот за здравство, Венко Филипче пред неколку недели најави нова кампања за поттик на интересот за вакцинација, но таа се уште не почнала, а од 16 ноември граѓаните кои не примиле втора доза нема да можат да влезат во гастрономските како и во други објекти. Поради нискиот интерес за вакцинација веќе се надвор од функција големите спортски сали каде се спроведуваше масовната имунизација.

Здравствените власти во земјава соопштуваат дека последните два дена се вакцинирале 9.009 граѓани, 1.873 од нив примиле прва доза, 1.580 се ревакцинирале, додека 5. 536 граѓани примиле трета доза од анти ковид вакцината. Бројот на вакцинирани граѓани во земјава е 806.781 лице а ревакцинирани се 777.655 граѓани. Интересот за трета доза е зголемен со што се имунизирани вкупно 36.424 граѓани.